ВМРО-ДПМНЕ, според годишниот извештај на државните ревизори ( ДЗР), собрала најмногу пари од донации.
Ревизорскиот извештај покажува дека за партијата донирале 5.880 луѓе и неколку фирми вкупно 115.554.285 денари или 1 милион и 880.000 евра.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски донирал 30.000 денари, Антонио Милошоски (20.000 денари), а министрите Никола Попоски (40.000 денари) и Марта Арсовска Томовска (22.000) платиле околу 60 илјади денари.
Потоа на сметката на партијата донирале и Даниела Рангелова (21.000 денари), Зоран Јолевски (25.000 денари), Цветко Грозданов (24.000 денари), директорот на БЈБ, Митко Чавков (28.000 денари), .
Никола Тодоров , Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески подариле по 30.000 денари. Заменик министерот за образование, Спиро Ристовски, донирал 20.000 денари, а Силвана Бонева за партијата платила 20.000 денари….
Како донатор се јавува и градоначалничката на Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ (20 000 денари), потоа градоначалникот на Скопје Коце Трајановски (40 000 денари), директорот на МНТ Дејан Пројковски (20 000 денари), директорот на Драмски театар Роберт Вељановски (12.000 денари) и многу други.
СДСМ, пак, во 2016 година имала 698 донатори. Во извештајот за СДСМ меѓу донаторите го нема името на лидерот на партијата, Зоран Заев.
ДУИ лани вкупно собрала 227.000 евра, a донирале 74 физички лица.
На сметката на оваа партија лидерот Али Ахмети уплатил (36000 денари) ,Талат Џафери (33000 денари).
На списокот на ДУИ се и фирмите „Конти хидропласт“ (300.000 денари) и „Европа 92“ (577.750 денари). ДУИ има донации и од државните институции и јавни претпријатија каде директорите се од оваа партија. Тоа се А.Д. Македонска пошта, општина Липково, Државен студентски дом „Пелагонија“, Дирекција за заштита и спасување, Македонска железница, Аеродроми на МК, Фонд за ПИОМ.
За Движењето Беса донирале 110 граѓани, а најмногу пари дал лидерот Билал Касами, 4.500 евра.
На сметката на ГРОМ на Стевчо Јакимовски се уплатени 98.230 денари.
Во Левица донирале 35 лица. Во ЛДП има 12 донатори со вкупно 2.863.000 денари. НСДП има 1 донатор – Министерство за правда со 1.513.163 денари.
Демократски сојуз на Павле Трајанов лани имал 177 донатори со вкупно 788.338 денари.
Во Либерална партија донирале поранешниот и сегашниот претседател на партијата, Стојан Андов (36.000 денари) и Ивон Величковски (215.000 денари).
Познато е дека Специјалното јавно обвинителство отвори предистражна постапка за донаторите на ВМРО-ДПМНЕ.