Многу високоризични пациенти во Израел, заболени од Ковид-19, одбија да го примат лекот „Регенерон“, кој се смета за спасоносен, а кој почна да се препишува во здравствените центри од 23 септември.
Израелските медиуми наведуваат дека никој во израелскиот здравствен систем не предвидел такво сценарио и дека досега само 256 пациенти го примиле лекот.
Лекот чини 1.500 американски долари по пациент, се дава интравенозно и според студиите, значително го намалува ризикот од сериозни болести, доколку се даде во рок од 72 часа по инфекцијата.
Многу беше напишано за тој лек минатата година, кога му беше даден на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, откако се зарази со Ковид-19.
Еден месец подоцна, американската Федерална агенција за лекови (ФДА) го одобри за итна употреба.
До неодамна, лекот главно го примаа пациенти на болничко лекување и корисници на домови за стари лица, а од 23 септември, исто така, го пропишуваат и организациите за здравствена заштита.
Министерството за здравство го сметаше скапиот лек за вреден и беше загрижено дека многу пациенти ќе го побараат, особено оние кои не ги исполнуваат критериумите, пишуваат израелските медиуми.
Овие критериуми се базираат на возраста на пациентот, бројот на хоспитализации во текот на три години, статусот на вакцинација, хронични заболувања, како што се бубрежни заболувања, дијабетес, срцеви заболувања и да се земе предвид дали се пушачи или страдаат од имуносупресија.
Здравствените установи се подготвија за брзо администрирање на лекот, а медицински тимови на израелската армија беа ангажирани за да можат пациентите што лежат дома да го примат.
Меѓутоа, се покажа дека побарувачката е многу мала, па здравствените центри се најдоа во ситуација да апелираат до пациентите да го примат.
На нивно изненадување, лекарите открија дека значителен број пациенти одбиваат да го примат лекот, вклучително и многу невакцинирани лица за кои се смета дека се изложени на многу поголем ризик сериозно да се разболат.
Откако лекот беше одобрен, една студија објавена во The New England Journal of Medicine покажа дека ефекасноста е 81 проценти во спречување на симптоматска болест и 66 проценти во спречување на заразување на оние кои живеат со пациентот.
Покрај тоа, симптомите на заразените траат половина во споредба со оние што не го примиле лекот, објавија израелските медиуми.