Израел најави долга, но победничка војна против Хамас, во момент кога американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во Тел Авив.
По средбата со Блинкен, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека и Израел и остатокот од светот можат „со свои очи да ја видат“ силната американска поддршка.
-Ова ќе биде долга војна, цената ќе биде висока, но ние ќе победиме. За Израел, за еврејскиот народ и за вредностите во кои веруваат двете земји – рече Галант.
Американскиот државен секретар по вторпат во последните неколку дена е во Израел. Тој денеска се врати во земјата по повеќедневната турнеја низ арапските земји за време на која ја слушна загриженоста на арапските лидери за најавената израелска копнена инвазија на Појасот Газа.
Блинкен денеска го повтори ветувањето дека ќе го поддржи Израел во неговата војна против палестинските милитанти на Хамас. Рече дека САД се посветени на правото на Израел да се брани.
Израел објави војна на милитантната група Хамас еден ден откако нејзините борци ја пробија силно утврдената граница на 7 октомври, убивајќи повеќе од 1 400 луѓе, од кои повеќето цивили.
По најсмртоносниот напад во својата историја, Израел започна бомбардирање во Појасот Газа во кој загинаа над 2 700 луѓе, главно цивили.