Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави интензивирање на борбата против Хамас во Појасот Газа, со оценка дека мир ќе се постигне само доколку Газа биде „демилитаризирана“ и „дерадикализирана“.
И покрај меѓународните повици за примирје, не се гледа крај на борбите по повеќе од два месеци војна против палестинското исламистичко движење, кое започна офанзива без преседан на 7 октомври.
„Не застануваме…ги интензивираме борбите во наредните денови. Тоа ќе биде долга војна“, изјави синоќа израелскиот премиер, по посетата на Газа.
Во авторски текст за Wall Street Journal, Нетанјаху наведе три „предуслови“ за постигнување мир.
„Хамас мора да биде уништен, Газа мора да се демилитаризира и палестинското општество да се дерадикализира“, рече премиерот на Израел.
Нетанјаху, исто така, рече дека е подготвен да ја поддржи доброволната миграција на Палестинците од Газа.
„Нашиот проблем не е дали да го одобриме излегувањето, туку дали ќе има земји кои ќе бидат подготвени да го „апсорбираат“ тој излез“, изјави Нетанјаху пред членовите на неговата партија Ликуд, пренесува Хаарец.
Хамас го осуди „апсурдниот проект“ на Израел.
Палестинците „одбиваат да бидат депортирани и раселени. Не може да има егзил и нема друг избор освен да останеме на нашата земја“, се вели во соопштението на Хамас.
Според Хамас, од почетокот на војната на 7 октомври во израелските воени операции во Појасот Газа биле убиени 20.674 луѓе.
По нападот на Хамас, во кој загинаа 1.140 луѓе, главно цивили, Израел објави дека има две цели, да го уништи Хамас и да ослободи 129 заложници кои ги држат екстремистите во Газа.