Текстот е објавен на 12 октомври 2023 година во неделникот Фокус со број 1.462.
Веќе однапред се знае дека израелската операција во појасот Газа ќе биде најкрвавата кога било видена. Но, тоа не е ништо во споредба со долгорочните импликации што може да се изродат ако Арапите се сетат дека сега е вистинскиот момент да се нападне непријателот од сите четири страни. Сепак, САД сѐ уште не се толку ослабнати како што се мисли за да го пуштат блискиот сојузник низ вода.
Пишувал: Дејан АЗЕСКИ
Палестинската милитантна организација Хамас, минатата недела изврши ненадеен масивен напад врз израелските територии, во кои загинаа повеќе стотици луѓе, а уште толку се водат како исчезнати или киднапирани. Веќе може да се потврди дека ова е најголемиот удар што го претрпела еврејската држава во последниов половина век.
Веројатно да имаше време за анализи, ќе имаше многу оставки во израелското безбедносно и воено раководство што дозволиле ваква работа од огромни размери да се подготви и да се изведе без какво било предупредување.
Но, Израел веќе нема време за анализи, бидејќи е во војна, и тоа од огромни размери.
ХАМАС ЈА ИСКОРИСТИ СЕНКАТА НА ХЕЗБОЛАХ
Единствено логично објаснување што досега излезе во јавноста околу причините за ваквата израелска катастрофа е таа дека безбедносните служби на Израел премногу внимание посветуваат на Иран и на нивните пулени Хезболах на Западниот брег, поради што целосно заборавија на појасот Газа, каде што веќе со децении и официјално владее Хамас.
Терминолошки да се разјасни, иако и на Западниот брег (на реката Јордан) и во појасот Газа се населени Палестинци муслимани, тие всушност имаат значителни меѓусебни разлики.
Веројатно, самата географија и ригидните контроли на патиштата низ Израел условиле овие две групи Палестинци да се ограничат само на поддршката од државите со кои се граничат.
Првите (во појасот Газа) на Египет, Сирија и уште неколку помали држави од Арапската лига, а вторите (на Западниот брег) на Јордан, Либан и секако Иран, кој важи за покровител, заштитник, а до некаде и злоупотребувач на Шиитите низ целиот регион и во светот генерално.
Па така, со оглед на актуелната крајно зовриена ситуација во светот, логично е што вниманието на Израелците е свртено кон нивната најголема закана – Иран. За Хезболах и појасот Газа долго време важеше тоа дека тие се задоволни од тоа што го добија (своја парадржава во која буквално прават што сакаат) и дека поголем удар од таму веќе никогаш не треба да се очекува.
Плус, на тоа треба да се додаде и фактот дека Египет, кој логично е најголем историски поддржувач на овој дел од Палестинците во последниве десетина години (по стабилизирањето на новите власти по контрареволуцијата на арапската пролет) е речиси целосно пацивизиран. Дури египетските власти и тврдеа дека наводно го предупредиле
Израел на минатонеделните настани, што официјален Тел Авив или официјален Ерусалим го демантираше.
Од тука многумина забораваат дека актуелната египетска власт идеолошки се смета како продолжение на четириесетгодишниот континуитет на Хосни Мубарак, кој беше симнат од власт како дел од серијата револуции на Блискиот Исток и Северна Африка.
Потоа нормално настапи повеќегодишна криза, која се заврши со нова, условно речено, демократска контрареволуција, која ја продолжи неутралната или затскриена происточна геополитичка ориентација на Каиро.
Ако на ова се надоврзе и фактот дека Египет и Сирија некогаш биле и заедничка држава и дека тие врски никогаш не се прекинати, не може, а да не се најде врска меѓу сите овие случувања.
СООДНОСОТ НА СИЛИ НАСПРОТИ ШАНСИТЕ
Но, сега не е време да се анализираат причините, туку како ќе се заврши оваа нова голема војна, за која веќе се слушна на сите краеви на светот?
Реално, Хамас веројатно веќе ги има испукано сите или најголемиот дел од ракетите што успеал да ги прошверцува или складира. Така што штетата што е направена е веќе направена.
Што се однесува до нивната копнена инвазија до пограничните еврејски населби, таа веќе, исто така, го достигна својот зенит во првиот или во вториот ден и веќе почна да стагнира. Иако повторно треба да повториме дека импресивно е што успеаја да постигнат во толку краток временски период и при ограничени ресурси.
Но, сега на потег е Израел, кој успеа за неверојатни три дена да мобилизира преку 300.000 војници, кои веќе се спремни за најголемата копнена офанзива во последните педесетина години.
Секако, ова не е првпат израелски тенкови, а и булдожери казнено да навлегуваат во Газа, но ова дефинитивно е некое ново ниво на судир и опасност од многу поголема регионална ескалација.
Реално, соодносот на сили во регионот е неколку милиони Евреи на неколку стотици милиони Арапи, и тоа е речиси невозможно еден ден да не се заврши со буквално прегазување на Израел со нозе. Но, дефинитивно може да се каже дека сега не е тој момент.
Како прво, на техничко-технолошко ниво, израелската армија е веројатно една од првите три најдобро обучени и опремени во светот.
Како второ, нивниот генералштаб, иако направи огромна грешка, овие денови, сепак, одлично ја познава ситуација во целиот свој регион и многупати се има подготвувано токму за вакво катастрофално сценарио за кое сигурно има повеќе можни одговори.
Трето, САД сѐ уште не се до толку ослабнати како што многумина сакаат да тврдат, па да не можат да го помогнат својот најблизок сојузник. Додека го пишуваме овој текст, шестата флота на чело со најсовремениот брод на светот – носачот на авиони Џералд Форд, веќе е тргната од Норфолк преку Гибралтар кон пристаништето во Хаифа, или барем некаде во близината на тој регион.
Од другата страна, Египет не може официјално да ги поддржи своите браќа од другата страна на границата, а прашање е и директно да се вклучи во борбата дали би можел да ја победи израелската армија.
Единствено, досега докажан начин да се победат Израелците е ако се нападнат од сите четири страни. Тоа делумно успеа во 1970-тите години, кога за првпат на сцена исплива јавната тајна дека Израел е, всушност, осмата светска нуклеарна сила, која поседува и адекватни подморници и адекватни носачи на боеви глави (ракети), кои би можеле да го уништат кој било од главните градови во регионот на Блискиот Исток.
Тогаш, заканата од ова смртоносно оружје ги премисли арапските лидери да не го направат одлучувачкиот чекор и еднаш засекогаш да се спасат од најголемиот непријател.
Но, којзнае, времињата се променети, како геостратешки, така и технолошки и прашање е дали некој во регионот нема или за брзо нема да поседува оружје од сличен тип со кој би можел да му одговори на Израел.
Сепак, најмногу што е променето е фактот дека веќе нема црвени линии околу тоа кое оружје е дозволено да се употреби за да се постигне целта. Типичен макијавелизам во најбрутална форма.
Повторно ќе кажеме, за среќа, сега не е тој момент како што не е момент ниту за кинеската инвазија на Тајван. Но, ако Палестинците издржат макар ден повеќе во оваа мини-војна, тоа дефинитивно ќе ги осоколи нивните ментори од целиот регион.
А секако не е исклучено зад Арапите да застане и некоја поголема сила. Во минатото тоа беше Советскиот Сојуз. Русија во моментов си има поголеми проблеми и веројатно на овој момент гледа само како на можност на дефокусирање од фронтот во Украина.
Но, не смее да се заборави улогата што Москва директно ја имаше во спас на владеењето на Башар Ал Асад и целата војна во Сирија. Дали е тоа директно поврзано со овие настани? Веројатно не. Но, ако дојде до поголем сојуз на Арапите, руската дипломатија сигурно дека ќе се вмеша.
Но, веќе постои една голема сила што сигурно е вмешана (не директно во овие настани, туку во палестинското прашање), а тоа е секако Турција, која по доаѓањето на власт на Ердоган, драстично го смени односот кон Израел што го гаеше Анкара со децении.
Ердоган веќе предложи формирање на две посебни држави во регионот на Палестина, па однапред стави до знаење на чија страна е во овој конфликт, што навистина може да направи голема разлика.
РАМКА
ДАЛИ ВЕЌЕ СМЕ ВО ТРЕТА СВЕТСКА ВОЈНА?
Случувањата во Израел се само една од серијата вести за воени судири или, пак, за „непосредна воена опасност“, кои секоја недела во континуитет ни доаѓаат од места како Нигер, Нагорно Карабах, Молдавија, Косово, Јемен, Судан, Тајван. Едноставно, на низата ѝ нема крај.
Не треба да тврдиме дека тоа не се случувало претходно, но не со вакво темпо и не со ваков степен на најдиректна инволвираност на големите сили, што буквално доаѓаме во ситуација да можеме да потврдиме дека веќе не може да се случи ниту еден поголем конфликт или промена во светот без во него да се вмеша едната или другата страна на геополитичката клацкалка.
Тоа е буквално апокалиптично сценарио од библиски размери, не само поради тоа што се губи сета објективност во црно-белиот свет, туку најмногу поради фактот што е познато кон што единствено може да води сево ова.
Најлошо од сѐ е што се уриваат сите бариери и буквално не може да се постават црвени линии што некој веќе не е подготвен да ги премине.
Ако пропагандите, дезинформациите, етничките чистење и тоталната природност на границите престанаа да бидат табу-тема, само останува да го очекуваме денот кога и нуклеарното оружје, исто така, ќе стане нормална работа.