Мајка на 11-месечно бебе бара правна помош преку фејсбук затоа што нејзината ќерка се здобила со телесни повреди низ телото по дневен престој во градинката Раде Јовачевски Корчагин. Теодора Несторовиќ преку фејсбук ја раскажа својата приказна.
Вчера околу 16 часот ја собрала нејзината ќерка од градинката, а воспитувачката и рекла дека се поминало во најдобар ред, но и рекла и дека на грбот имала нешто исфрлано. Претпоставка на воспитувачката е дека ја пролазил инсект. Исфрланото се испотавило дека се тешки повреди, отисок од загриз на детска вилица, гребнатини и хематом на главата.
„Луѓе, мене некој така да ме загриза ќе вриштам од болка, а не бебе. Се вадам од памет, продолжувам да ја соблекувам и забележувам гребаници во горниот дел од десното ноџе. Изреволтирани поради игнорантноста на воспитувачките, со сопругот решивме да ја однесеме ќерка ни кај матичната докторка за да ни даде некаков извештај како доказ, во кој ќе биде посочено дека бебето ми е изгризано и изгребано. Докторката го потврди тоа што го знаевме, дека се работи за очигледни гризнувања, какво пролазено, какви бакрачи, па дури и самата ни предложи да ни даде упат за на детска хирургија, за таму да ја прегледаат и ни го дадат извештајот што ни треба за во случај да одлучиме правно да го истераме случајов“, пишува мајката.
Таа вели дека бебето е однесено на Детска хирургија, каде докторката која го прегледалам констатрала видлив хематом, односно подуена зацрвенета џумка.
„Овој момент ми го скрати животот за многу, многу години. Во меѓувреме, од детска хирургија самите го пријавија случајот во полиција“, вели мајката.
Незадоволна од односот на воспитувачките, мајката вели дека никогаш нема да може да дознае што се случувало со нејзиното дете во градинката.
„Ова е основна негрижа и згора на сѐ лажење, а ние никогаш нема да дознаеме што точно се случило со нашето дете. Прашањето е што правеле воспитувачките додека ќерка ми била загризана не еднаш, туку два пати, додека била изгребана и додека паднала со глава (веројатно, според ударот) на под? Демек не плачела? Каде биле тие? Зошто се обидоа да ја скријат вистината со муабетот дека “веројатно е пролазена од нешто?!” Во меѓувреме, педагогот на градинката, инаку во моментот на дигање телефон веќе добро запознаена со случајот, како од пушка ни кажа дека воспитувачките се оградуваат од било каква одговорност, и рекле дека детето било така донесено сабајлето (?!). Како воопшто таа знае за случајот, ако таму ништо не се случило? Вработените во градинката, секако, се штитат меѓу себе. После сѐ ова, револтот е голем и случајот сакаме да го истераме до крај, па секој правен совет од било кој тип би ни бил добредојден“, пишува Теодора Несторовиќ.
„Фокус“ се обиде да ги добие по телефонски пат надлежните во градинката, но никој не се јавуваше на фиксните телефони. „Фокус“ испрати порака до службената email адреса, но до објавување на текстот не добивме одговори.