Изгласани измени на законите за Јавно обвинителство и за кривична постапка

by fokus

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 35. и 34. седница  изгласа закони за  изменување и дополнување на Законот за јавно обвинителство и на Законот за кривична постапка,  како и дополнувања на Законот за судовите. За законите за јавно обвинителство и за кривична постапка се гласаше со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници и тие беа усвоени со 84 гласа „за“ без ниту еден „против“ и „воздржан“. Двата закона беа усогласени  меѓу пратениците од власта и опозицијата во тек на дијалогот што го водеа пролетта годинава.

Со измените на Законот за Јавно обвинителство  се овозможува да се формира посебно одделение за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Одделението ќе има посебна стручна служба и јавнообвинителски истражители од истражниот центар што ќе се формира. Јавните обвинители и раководителот на одделението ги распоредува јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за време од четири години со право на повторен избор. За својата работа Одделението ќе изготвува годишен извештај што ќе го доставува до Основниот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција, Советот на јавните обвинители, Јавниот обвинител на Република Македонија и до Собранието на Република Македонија.

Во текот на расправата пратеникот Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ги поддржат законите за кои водеа дијалог  и побара интензивирање на разговорите за промени на собранскиот Деловник,  како се уште отворен дел од реформите за кои имаше дијалог.

– Бараме што поскоро да се откочи процесот за промени на собранискиот Деловник. Ако има политичка волја и сериозна посветеност да не се надигра тоа што веќе било на некој  начин усогласено мислам дека во тие рамки некаде до крај на  оваа календарска година Собранието може да го заврши и тој процес со сериозна реформа на собранискиот Деловник, наведе Димовски

Поврзани новости