Собранието со 67 гласови „за“, седум против и без ниту еден воздржан, го усвои ребалансот на Буџетот за 2024 година.
Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари што е 2,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или за 5,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.
Како што рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците, ребалансот е обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика.
-Треба да се обезбеди ликвидност, исплата на зголемени пензии, права на вработените и доспените обврски кон стопанството, истакна Димитриеска Кочоска.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го повторија партискиот став, дека со ребалансот се обезбедуваат средства за плати, пензии, студентски оброк и стипанедии, земјоделски субвенции, средства за општините, за сервисирање на долговите, за спортистите,…
Прв за збор во општата расправа на пленарната седница се јави Димитар Ковачевски кој кажа дека СДСМ и коалицијата нема да го поддржат ребалансот. Пратениците од Европски фронт, пак, ја напуштија седницата зашто беше симнат од дневен ред Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање.