Пожари на отворено од утрово нема – сите 18 се изгаснати, соопшти Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК). Противпожарните тимови со целодневен ангажман, некаде и заедно со месното население сите ги изгаснале.
Изгаснатите 18 пожари настанале во сите делови на државата, а во некои општини имало и по неколку пожари на отворено, при што горела сува трева, ниска вегетација, мешана шума, една плевна и гореле и неколку депонии.
Територијалните Противпожарни единици (ТППЕ) интервенирале и на неколку помали пожари на запалена сува трева во урбаните и населени места, а паралелно со тоа гаснеле и пријавени пожари на објекти во градовите и населените места.
ЦУК апелира граѓаните да се воздржуваат од палење оган на отворено, а ако забележат пожар или, пак, друга опасност по граѓаните, а и по природните и материјаните добра во државата, едноставно да го пријават тоа на Единствениот телефонски број за итни случаи 112 во ЦУК. Потоа ЦУК ги презема активностите со коишто се остваруваат неговите задачи за координација со другите инстисуции во државата, односно со субјектите на Системот за управување со кризи (СУК)