Судскиот совет денеска избра 25 судии во повеќе судови во земјава, пополнувајќи ги огласите од 2015-та година.
Од Академијата за судии и обвинители, не е избран ниту еден кандидат за апелационен судија. Судиите кои беа примени од првите генерации од Академијата веќе исполнуваат услов и тие конкурирале на огласите за апелациони судии во Скопје, Битола, Гостивар и Штип, но Судскиот совет не избра ниту еден од нив. Од таму се избрани кандидати за судии само во основните судови низ земјава.
За повисоките судови, кандидатите биле бирани според бодовите и стажот како судии.
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, во изјава за Академик.мк убедува дека при изборот на судии се раководеле строго од Законот за судови и од критериумите што треба да ги исполнуваат кандидатите. Тој вели и дека советот е независно тело на независната судска власт и најавата за избори не го спречува да врши избор на судии.
-Беа избрани судии со највисок број бодови. Тие беа интервјуирани, беше следена нивната работа и тврдам дека се избрани оние судии кои се најкомпетентни и во согласност со законската регулатива која мора да ја почитуваме… Со денешниот избор на судии, надминат е балансот на испразнети судиски места кои треба да бидат пополнети. Ни остануваат уште мал број огласи, така што ќе се трудиме како Судски совет да немаме вакви обемни огласи кои ќе се одолжуваат и да немаме непотребни реакции во јавноста – изјави Караџовск.