Избрана ли е фирмата на тендерот за кој Арсовска се скара со Мицкоски?

by fokus

И по три години од почетокот, се уште нема разврска на тендерската постапка за избор на фирма за изградба и фирма за надзор на пречистителната станица за отпадни води која треба да се гради на левиот брег на Вардар во Скопје.

Според информациите на „Фокус“, во јануари Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка дале позитивно мислење за избраните фирми за надзор и градба, но Град Скопје и ЈП Водовод и канализација се уште не ги потпишуваат договорите.

Ја прашавме градоначалничката Данела Арсовска кои фирми се избрани на тендерот и кога треба да се потпишат договорите. Од нејзиниот Кабинет добивме одговор дека постапката се уште е во тек.

Се уште е во тек постапката чија динамика беше успорена поради ревидирање, кое следеше по разрешувањето на Златко Перински. За исходот од постапките благовремено ќе ве известиме, гласеше одговорот од Кабинетот.

Од ЈП Водовод пак не добивме одговор на испратените прашања.

Во март 2022 година тендерот за изградба на пречистителната станица беше затворен, а беа пристигнати две понуди. Потоа следуваше периодот на евалуација кој требаше да трае околу шест месеци и потоа да се избере фирмата.

Но, во септември лани градоначалничката Арсовска влезе во конфликт со тогашниот директор на ЈП Водовод, Златко Перински откако сакаше да ги смени членовите на евалуационите комисии за тендерот, а тој не дозволи. По ова, Арсовска го разреши Перински и го обвини дека го фатила со „рачињата во медот“.  Следуваше и „војната“ со ВМРО-ДПМНЕ и „шпицниот Мицкоски“.

Пречистителна станица Скопје е една од најголемите инвестиции за инфраструктурен проект за заштита на животна средина во земјава која треба трајно ќе го реши третманот на отпадните води од градот Скопје. Обезбедени се 136 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Катерина Смилева Божиновска

 

 

Поврзани новости