Политичките партии и коалиции што учествуваа на последните парламентарни избори се уште не ги затвориле трансакциските сметки, отворени специјално за изборната кампања, иако законскиот рок во кој требаше да го сторат тоа истече на крајот на минатиот месец.
Како што велат за Фокус од најголемите политички партии – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, Државната изборна комисија од нив побарала да ги остават сметките активни се додека не им ги исплати средствата од буџетот што им следуваат согласно освоените гласови на избори.
Од ДИК, пак, објаснуваат дека за да ги исплати овие средства, Собранието треба да донесе одлука за определување на надоместокот за трошоци кон партиите, откако претходно ќе ја деблокира работата и ќе избере претседател.
– Парите за оваа намена се обезбедени, но ние не може да ги исплатиме бидејќи нема одлука од собранието. За да им ги исплатиме средствата, пак, кога ќе се создадат услови, сметките мора да им бидат отворени – изјави за Фокус член на ДИК.
Инаку, од Комисијата посочуваат дека треба да им исплатат на партиите вкупно околу 300.000 евра, при што по над 100.000 евра треба да добијат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, околу 22.000 евра треба да добие ДУИ, додека останатите пари ќе ги поделат другите партии и коалиции.
Со оглед дека ДИК ги прогласи конечните резултати од изборите на крајот на декември, по прогласувањето во Теарце, согласно законскиот рок, партиите требаше да ги затворат изборните сметки на крајот на март.
Во извештаите што ги доставуваа до надлежните институции за време на изборната кампања, големите политички партии без исклучок повеќе пари потрошија отколку што собраа од донации, но од таму тврдат дека минусот ќе ги покријат со средства од редовната партиска сметка.
В.С.