Поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта долги години беше потпретседател на ДУИ, но на претстојните повторени избори за градоначалник на Гостивар ќе се бори за трет мандат како кандидат на ВЛЕН, наспроти кадарот на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, кој е поддржан од ДУИ на Али Ахмети.
За потсетување, на изминатите локални избори не беше избран градоначалник во четири општини, вклучително и во Гостивар, каде за само дваесетина гласа не беше постигнат условот за излезност на најмалку една третина од запишаните гласачи.
Инаку, во градоначалничката трка учествуваа дотогашниот в.д. градоначалник Валбон Лимани од Алијанса на Таравари, кој беше поддржан од коалицијата НАИ на чело со ДУИ, од една страна, и Себаедин Даути од ВЛЕН, од друга страна. Притоа, Лимани освои 17.000 гласови, а Даути 4.200 гласови.
Во меѓувреме, се случија неколку промени. Имено, Лимани повторно влегува во трка за градоначалник како кандидат на НАИ, меѓутоа треба да се има во предвид дека коалицијата е ослабена по излегувањето на Зијадин Села, предводник на другото крило на поделената АА.
Што се однесува до ВЛЕН, пак, коалицијата одлучи да влезе во изборниот натпревар со друг кандидат, т.е. со Бејта, кој е поранешен долгогодишен висок функционер на ДУИ. Поточно, тој околу 2 децении беше потпретседател на ДУИ и прв човек на партискиот огранок во Гостивар, а беше и градоначалник на општината во 2 мандати.
Како што е познато, по неговиот прв градоначалнички мандат тој загуби од Руфи Османи, кој по излегувањето од затвор се реактивираше во политиката и формираше партија – НДП. Но, после само еден четиригодишен мандат на Османи, Бејта се врати на чело на општината, за 4 години подоцна повторно да загуби, овојпат од Таравари.
Откако заврши првиот градоначалнички мандат на Таравари, Бејта повторно направи обид за камбек на чело на Гостивар, но не успеа да го стори тоа, бидејќи вторпат по ред загуби од Таравари. Во периодот по вториот пораз од Таравари, Бејта стана дел од т.н. „огнена група“ во ДУИ, која бараше промени во партијата и смена на тогашниот вицепремиер Артан Груби.
Како дел од „огнените“, Бејта беше гласен критичар на Груби и други функционери на ДУИ, така што, меѓу другото, го обвини него и Талат Џафери дека работеле против него во последната трка за градоначалник на Гостивар, одработувајќи за Таравари. Во една прилика, тој дури го нарече Груби „тенеќе“, по што Груби му посака „добро здравје“.
Арно ама, за кратко време се разидоа челниците на „огнената група“ и секој си фати свој пат. Така, Изет Меџити одеше до крај и формираше нова партија (Демократско движење), која подоцна се приклучи кон ВЛЕН, додека останатите се вратија во ДУИ. Меѓу нив беа Муса Џафери, Блерим Беџети и Бејта, од кои само Бејта остана без функција – Џафери и Беџети станаа пратеници на ДУИ.
Во тој период, Бејта изјави дека решил да се врати во ДУИ бидејќи негов лидер останува Ахмети, по што се појави на заеднички настан со лидерот на ДУИ во гостиварско-реканскиот крај. Сепак, тој не доби никаква функција во пресрет на ланските двојни претседателски и парламентарни избори и беше отсутен од јавноста.
Всушност, тоа се промени неодамна, кога беше промовиран од ВЛЕН за градоначалник на Гостивар. Впрочем, тој сега ќе се судри со Лимани, откако на изминатите 2 изборни циклуси се напреваруваше со неговиот лидер Таравари. Но, улогите и позиции се измешани, со оглед дека, за разлика од порано, Бејта сега не настапува како функционер на ДУИ, туку како кандидат на ВЛЕН, додека неговиот противник ќе ја има поддршката од Мала Речица.
–Во ситуација кога ДУИ нема свој кандидат, туку го поддржува кандидатот на довчерашниот противник Таравари, тоа што вадиме кандидат кој е профилиран како дел од ДУИ, бидејќи долги години бил еден од највисоките функционери на ДУИ, сметаме дека Бејта ќе го поддржат вклучително и симпатизери на ДУИ, што значително ги зголемува нашите шанси за успех, па дури и за победа – велат извори од ВЛЕН.
Дека Бејта очекува поддршка и од контитенгенти гласачи на ДУИ, покрај оние од ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и други партии, потврдува една негова изјава дека се надева на поддршка од симпатизери на ДУИ, патем порачувајќи дека никогаш не го навредил партискиот лидер Ахмети, туку, според него, тоа го правел Таравари.
– Не можам да кажам сите, но мнозинството гласачи и активисти (на ДУИ) ќе гласаат за мене. Јас никогаш не го критикував претседателот Ахмети и никогаш не ги навредив моите гласачи и моите членови. Тешки навреди кон гласачите на ДУИ и кон членовите на ДУИ и кон лидерот на ДУИ направи Таравари. Изјави толку тешки зборови што не може да ги каже човек со малку разум – рече тој.
Од ДУИ, пак, веруваат дека ќе постигнат победа во Гостивар, со цел, колку-толку, да го подобрат впечатокот за настапот на локалните избори, на кои ги загубија сите останати големи урбани центри со мнозинско албанско население – Тетово, Дебар, Струга, Чаир, Сарај, и единствено победија во неколку мали рурални општини.
–По Конгресот, очекуваме целосна мобилизација на нашите членови на изборите, иако немаме наши партиски кандидати, туку поддржуваме кандидати на коалицијата. Оваа мобилизација не би требало да биде проблем во Гостивар, бидејќи нема отпор во структурите кон кандидатот за градоначалник, кој своевремено бил дел од ДУИ. Најголем адут на Бејта не се гласачите на ДУИ, туку македонските глсачи – вели висок функционер на ДУИ.
Оттука, на претстојните избори за градоначалник, што треба да се одржат во јануари следната 2026 година, на некој начин ќе има судир на ДУИ против ДУИ во Гостивар, бидејќи ДУИ поддржува кандидат чиј противник е поранешен висок функционер на ДУИ. Ако се земе во обзир резултатот од првиот круг, Лимани влегува како фаворит, но по изборите целосно се смени општата слика и атмосфера, па ВЛЕН се надева на успех.
Освен во Гостивар, избори за градоначалник ќе има и во соседно Врапчиште, каде довчерашниот градоначалник Исен Шабани победи во првиот круг, но не доби нов мандат поради неисполнет цензус.
За време на судирот меѓу Села и Таравари, Шабани прво застана на страната на Села, но подоцна му се приклучи на Таравари, кога тој се отцепи од ВЛЕН и се сврте кон ДУИ.
На повторените избори, Таравари и ДУИ повторно ќе настапат со Шабани, чиј противкандидат ќе биде Зули Демири, поддржат таборот на АА на Села, кој неодамна излезе од НАИ и настапува самостојно.
Она што е интересно, Демири доби поддршка и од ВЛЕН, така што излегува дека тој веќе успеа да ги обедини ВЛЕН и Села, барем на локално ниво.
Останува да видиме дали ова ќе остане само на ниво на локална соработка во Врапчиште или можеби ќе резултира со соработка меѓу двете страни на централно ниво.
Градоначалникот на општина Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Меџити, изјави дека очекува Села ќе се приклучи кон ВЛЕН и кон Владата.
–Откако го напушти НАИ, во политиката нема неутрална позиција или сте на власт или опозиција. Мислам дека тие разбраа дека таму има изгубено време и дека со текот на времето ќе се приклучат на ВЛЕН – рече тој.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Поврзани текстови:
Таравари останува во НАИ: Очекувам добри реформи во ДУИ и победа во Гостивар!
Ако власта брка Бадентерово мнозинство, каде ќе ги бара потребните 6 пратеници?
Се погласни најави за проширување на мнозинството: Дали новиот субјект на Села ќе влезе во Владата?
Таборот на Села формирал нова партија, поради судскиот ќорсокак за печатот на Алијанса!