Таравари останува во НАИ: Очекувам добри реформи во ДУИ и победа во Гостивар!

Имаме договор, заеднички кандидат за Гостивар ќе биде доктор Валбон Лимани, тој што победи со 17.000 наспроти 4.200 гласови и му недостигаа само 21 глас за цензус. Оваа тема е одамна апсолвирана, вели Таравари на прашање на „Фокус“ дали останува дел од НАИ и дали е можно ДУИ да исфрли свој кандидат за градоначалник на Гостивар на повторените избори?

by vlatko 15:36
15:36

За разлика од Зијадин Села, кој ја напушти Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ на Али Ахмети, лидерот на друго крило на поделената Алијанса за Абанците, Арбен Таравари, вели дека останува дел од НАИ.

Имено, Таравари вели дека тој и АА продолжуваат како НАИ и воедно порачува дека очекува „добри реформи“ на Конгресот на ДУИ што треба да се одржи во текот на следниот месец декември.

ДУИ не го менува лидерот, но ќе го менува Статутот – повеќе млади луѓе во раководството и ограноците!

Воедно, тој ја отфрла можноста „интегративците“ да исфрлат свој кандидат за градоначалник на Гостивар на повторените избори, кои треба да се одржат на почетокот на следната 2026 година откако не беше постигнат цензус во првиот круг на изминатите локални избори.

Според неговите тврдења, постои договор заеднички кандидат на АА и ДУИ пак да биде досегашниот в.д. градоначалник Валбон Лимани, кој всушност го наследи Таравари на оваа функција, откако тој беше избран за министер за здравство.

–Имаме договор, заеднички кандидат за Гостивар ќе биде доктор Валбон Лимани, тој што подеди со 17.000 наспроти 4.200 гласови и му недостигаа само 21 глас за цензус. Оваа тема е одамна апсолвирана – вели Таравари за „Фокус“.

Тој посочува дека ако во првиот круг победата во Гостивар била 4:1, уште поголема била разликата во корист на неговиот кандидат Исен Шабани во Врапчиште, каде исто така ќе се одржат повторени избори поради непостигнат цензус, во пакет со уште 2 општини – Центар Жупа и Маврово Ростуше.

–Во Врапчиште резулатот е 12:1 (6.100 за нашиот кандидат со 500 гласа за кандидатот на ВЛЕН). Ако сите гласови кои недостигаат за цензус или вкупно 1.800 одеа за противкандидатот на ВЛЕН, повторно резултатот ќе беше 3:1. Не верувам дека за 2 месеци може да се смени овој резултат битно – вели Таравари.

Инаку, на локалните избори коалицијата НАИ освои градоначалници само во 4 рурални општини (Липково, Пласница, Студеничани и Чашка). Односно, НАИ загуби во сите големи урбани центри со албанско мнозинско население, како Чаир, Сарај, Тетово, Дебар, Струга. Патем, ВЛЕН победи и во Арачиново, Желино, Теарце, Долнени…

Впрочем, единствена урбана општина каде НАИ победи беше Гостивар, меѓутоа Лимани не беше избран за градоначалник бидејќи за само 21 глас не беше постигнат цензусот за излезност на една третина од запишаните избирачи. Сепак, градоначалник дефинитивно ќе биде избран во јануари, бидејќи на повторените избори нема цензус за излезност.

Токму овие избори во Гостивар и Врапчиште најмногу ги држат заедно Ахмети и Таравари, кои имаат интерес со заеднички сили да освојат макар една голема и битна општина. Наспроти нив, крилото на Села во АА веќе најави напуштање на коалицијата, откако неговите кандидати за градоначалници изгубија во Арачиново, Дебар и во Струга.

„По суштински и многу важни дискусии, членовите на претседателството едногласно донесоа одлука за автономно делување на Алијанса за Албанците“, соопштија вчера од таборот на Села, најавувајќи дека во наредните денови нивните пратеници ќе ја формализираат независната група во парламентот.

Таборот на Села формирал нова партија, поради судскиот ќорсокак за печатот на Алијанса!

Од таму додаваат дека коалицијата НАИ со која настапија на последните локални избори издвојувала победа на национално ниво според бројот на освоени гласови и советнички места, но дека исходот во градоначалничките трки бил крајно неповолен.

Воедно, обвинија дека се соочиле со „моќен државен инженеринг“ и координирани интеракции меѓу албанските партии на власт и македонските политички субјекти, со цел реализација на, како што нагласуваат, „платформата на ВМРО-ДПМНЕ за дефакторизација на Албанците“.

Претходно, и Села го најави повлекувањето на неговата структура од коалицијата НАИ во интервју каде уште наведе и 3 барања или услови под кои би влегол во преговори за да се пресели од опозицијата кон власта.

–Прво, уставните измени-деблокада на ЕУ, отстранување на 20 проценти, односно воведување на албанскиот јазик во Уставот и одлуките што се носат со Бадентеровиот принцип да бидат вклучени и во Уставниот суд – рече тој.

Се погласни најави за проширување на мнозинството: Дали новиот субјект на Села ќе влезе во Владата?

Сепак, веднаш пристигна одговор од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, кој во интервју на Телма порача дека не функционира под услови и диктати.

– Мислам, ако некој мисли дека со ултиматуми или услови ќе ме омекне или привлече, мислам дека тоа е најпогрешниот пат кој го одбрал – рече Мицкоски.

„Фокус“ веќе пишуваше дека Села може да биде битен за власта, бидејќи неговата структура има четворица пратеници, колку што би му биле потребни на парламентарното мнозинство ако сака да воспостави контрола врз двојното Бадентерово мнозинство, се разбира, под услов на своја страна да ги придобие и двајцата пратеници на ДПА и ДПТ, кои одамна ја напуштија коалицијата на ДУИ.

–Постојат канали на комуникација со Села, меѓутоа има различни мислења за отстапките што треба да се направат за да се обезбеди Бадентер. Главната дилема е колку навистина ни е реално потребно ова мнозинство и дали вреди за тоа да правиме крупни отстапки, вклучително и во смисла на функции – ни изјави висок владин функционер.

Ако власта брка Бадентерово мнозинство, каде ќе ги бара потребните 6 пратеници?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести