Таборот на Села формирал нова партија, поради судскиот ќорсокак за печатот на Алијанса!

Албански сојуз е називот на новиот политички субјект, кој го регистрирале приврзаници на лидерот на едно од крилата на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој води судски спор за партискиот печат со групата на Арбен Таравари.

by vlatko 15:25
15:25

Додека се уште трае маратонскиот судски процес за печатот на фрагментирана Алијанса за Албанците, приврзаниците на првиот партиски лидер Зијадин Села регистрирале нов политички субјект, чиј назив гласи Албански сојуз, дознава „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Според официјални податоци од Централниот регистар, овој политички субјект е регистриран во пресрет на претстојните локални избори, односно минатиот месец (3-ти септември 2025 година), со седиште во скопската населба Чаир.

Како овластени лица на фигурираат Беким Даути и Арбереша Селими, која беше државен советник во Министерството за правда и воедно шеф на кабинет на поранешниот министер Кренар Лога, кој е поранешен генерален секретар на Алијанса и воедно важи за близок соработник на Села.

Партиски извори од таборот на Села велат дека не основале нова партија како политички проект, туку станува збор за техничка операција, со цел да може да користат одредени законски можности.

Целта е нашите советници кои ќе бидат избрани како дел од коалицијата во која настапуваме да може да ги регистрираме на наш субјект, за да имаме можност да користиме државно финансирање и други поволности што ги дозволува законот – велат нашите добро упатени соговорници.

Како што е познато, расколот во АА изби во пресрет на ланските двојни избори, кога тогашниот партиски претседател Арбен Таравари одлучи да се приклучи кон тогашната албанска опозициска коалиција ВЛЕН, што се косеше со ставот на неговиот претходник Села, кој, пак, сметаше дека партијата треба да настапи како дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

По овие избори, ДУИ заедно со партнерите замина во опозиција, додека ВЛЕН стана дел од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во која Таравари беше министер за здравство. Арно ама, по извесно време тој се разиде со партнерите, замина од ВЛЕН и од Владата и стана дел од новоформираната предизборна коалиција на чело со ДУИ – Национална алијанса за интеграција.

Во рамки на НАИ, повторно се споија поранешните блиски соработници Таравари и Села, но очигледно е дека односите меѓу нив не се како порано. Освен што, според нивни кажувања, немале ниту една меѓусебна средба, туку комуницираат исклучиво со Али Ахмети, тие се уште водат судски спор за печатот на Алијанса.

Моментално, печатот е кај Таравари како последен избран претседател додека партијата се уште беше на купче. Иако основниот тетовски суд веќе 2 пати одлучи дека Села е легален лидер, сепак, овој суд ќе треба и по третпат да расправа за истиот случај, бидејќи повисокиот апелациски суд пак го вратил предметот на повторно одлучување.

„Фокус“ се обиде да добие официјален став и коментар од Села во врска со новиот политички субјект, но тој не одговори на нашето прашање. Неодамна, пак, во едно телевизиско интервју тој не го спомена формирањето на нова партија, туку говореше исклучиво во својство на единствен лидер на АА кој има легалитет и легитимитет.

Тоа што се случи лани во АА, за жал, се случи зашто оставив простор кога се извлеков од претседателската функција. Тогаш, дадов простор со партијата да раководат луѓе кои не се конзистентни, кои не гледаат подалеку од една година и кои немаат визија. Кога јас го дозволив тоа, тоа е моја грешка. Не требаше да го дозволам тоа.

Делував демократски – кога ќе се соочиш со слаб резултат треба да дадеш оставка. Иако тоа беа локални избори само за советници во Тетово, оставив простор, бидејќи уште тогаш имав информации дека тоа намерно се направи од внатре, од Таравари и други и од политичките противници.

Сакајќи да прекинам обид за расцепување на АА оставив простор, дадов оставка за партијата да биде соединета. За жал, ниту со оваа постапка не успеав тоа да го направам и како се движеа работите потоа тоа беше грешка, бидејќи да знаев дека тоа ќе се случи АА немаше да има други претседател и ќе биде соединета – рече тој на Канал 5.

Во однос на прашањето колку Алијанси постојат, бидејќи трета фракција предводена од вицепремиерот Арбен Фетаи остана дел од ВЛЕН и од Владата, Села рече дека не треба да чуди ако од крилото на Таравари се појават уште 5-6 Алијанси.

Но, АА е една единствена, а тоа е партијата која се раководи од моја страна. За жал, првпат се случува по трет пат да се врати предметот од Апелација во Тетово. Два пати го имаме добиено спорот и сега по третпат треба да се одлучува, но сигурно е дека идеалистите, тие што се основачи на партијата и тие кои веруваат во платформа и програма, се заедно со мене.

И, после изборите очекувам дека исходот ќе биде ист за печатите – рече тој, порачувајќи дека прошка се дава кога таа ќе се побара, алудирајќи дека Таравари досега воопшто не побарал прошка од него.

Пред неколку дена, и Таравари јавно говореше на оваа тема, посочувајќи дека договорот за влегување во НАИ го правел директно со лидерот на ДУИ Ахмети, со кого, како што вели, досега имал 6-5 средби. Притоа, додава дека со Села не се сретнал ниеднаш, но, според него, тоа не е пречка да се поддржуваат на изборите.

Тој (Села) си има кандидати и тој е дел од коалицијата. Тие беа во Европски фронт, а јас од Европскиот фронт комуницирав само со Ахмети, 5-6 состаноци максимум од крајот на мај досега сме имале. Со Села сум немал, немаме потреба да имаме зашто секој се натпреварува во своите општини, а меѓусебно се помагаме каде можеме. Сите во Струга го фалат кандидатот како многу добар и ќе го подржиме. Немаме потреба секојдневно да седиме заедно – рече тој на ТВ 24.

Во однос на конфликтот во Алијанса за печатот и брендот, Таравари изјави тој ќе продолжи.

Тоа ќе си продолжи, недоразбирањето за печатите, иако веќе вторпат Апелација носи одлука да продолжиме ние со водење на партијата. Колку што имам информации, Села веќе има собрано потписи и има регистрирано нова партија, така што јас му посакувам успех и здравје. Ние немаме потреба за нова партија, зашто постои Алијанса за Албанците, тоа е нашата партија – порача тој.

Исто така, побаравме изјава и од Таравари во врска со новата партија Албански сојуз, како и за судскиот процес за Алијанса за Албанците. Тој само кусо одговори во однос на второто: „По втор пат Апелација враќа позитивно за нас“.

Оттука, Ахмети успеа да ги обеди Села и Таравари во новоформираната предизборна коалиција НАИ, но меѓу нив се уште нема никаква комуникација, а очигледно е дека нивната правна борба за печатот на АА ќе продолжи по изборите. Додека Села го нарекува Таравари неконзистентен и без визија, тој му посака успех и здравје.

Преку поделба на општини до вонредни избори: Како Ахмети ги обедини Села и Таравари?

Слични вести