Ахмети и Таравари заедно ќе настапат во Гостивар: Дали и Села ќе извади кандидат и како ќе одиграат ВЛЕН и ВМРО?

Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ, во изјава за „Фокус“ вели дека неговата партија на претстојните избори за градоначалници на Гостивар и Врапчиште ќе ги поддржи кандидатите на Арбен Таравари, кој, пак, претходно ни изјави дека имаат договор заеднички да застанат зад Валбон Лимани и Исен Шабани. Во меѓувреме, лидерот на другото крило на Алијанса за Албанците, кое веќе ја напушти коалицијата НАИ, Зијадин Села, рече дека не ја исклучува можноста да настапат со свој кандидат во Гостивар. Како во таква ситуација ќе се постават владејачките ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ?

by vlatko 14:59
14:59

Излегувањето на Зијадин Села од Националната алијанса за интеграција ги искомплицира работите во рамки на албанската опозиција во пресрет на повторените избори за градоначалник што треба да се одржат во Гостивар и Врапчиште на почетокот на следната година, откако на изминатите локални избори во овие општини не беше избран градоначалник.

За потсетување, на локалните избори во Гостивар убедлива предност имаше кандидатот на НАИ од редовите на таборот на Арбен Таравари – Валбон Лимани, кој освои околу 17 илјади гласови, додека кандидатот на ВЛЕН, Себаедин Даути, освои околу 4.200 гласови.

Сепак, тоа не беше доволно за Лимани да биде избран за градоначалник, бидејќи за само 21 глас не беше постигнат цензусот за излезност на најмалку една третина од запишаните избирачи. Меѓутоа, гостиварски градоначалник сигурно ќе се избере во јануари, бидејќи на повторените избори ќе нема услов за минимална излезност.

Како што изјави Таравари за „Фокус“, неговата Алијанса за Албанците продолжува како дел од НАИ. Воедно, истакна дека веќе имаат договор со ДУИ заеднички кандидат во Гостивар да биде Лимани, а заеднички кандидат во Врапчиште повторно да биде Исен Шабани.

–Имаме договор, заеднички кандидат за Гостивар ќе биде доктор Валбон Лимани, тој што подеди со 17.000 наспроти 4.200 гласови и му недостигаа само 21 глас за цензус. Оваа тема е одамна апсолвирана. Во Врапчиште резулатот е 12:1 (6.100 за нашиот кандидат со 500 гласа за кандидатот на ВЛЕН)… – рече тој.

Таравари останува во НАИ: Очекувам добри реформи во ДУИ и победа во Гостивар!

Иако одредени неофицијални информации говореа дека ДУИ размислува и анализира дали да излезе со свој кандидат за градоначалник на Гостивар, сепак, од партијата ја отфрлаат таквата можност. Имено, партискиот потпретседател и портпарол, Арбер Адеми, ни изјави: „И за Гостивар и во Врапчиште имаме договор и заедно ќе застанеме зад кандидатите Лимани и Исени“.

Воедно, Адеми вели дека НАИ како коалиција продолжува да делува на политичката сцена. Меѓутоа, оваа коалицијата веќе претрпе промени, откако од неа излезе таборот на Алијанса на Села. Зошто тој одлучи да ја напушти коалицијата, која, како што самиот нагласува, победила на изборите?

–Знаете што? Ние го напуштаме заедничкото делување како пратеничка група во Собранието. Во животот јас сакам јасни да се работите, да не правиме заблуда кај граѓаните. Кога зборувате со Села дали зборувате со некој претставник на Алијанса за Албанците, на Европскиот фронт или на Националната алијанса за интеграција? – рече Села на Сител.

Според него, грешка било тоа што се променил називот на коалицијата од Европски фронт во Национална алијанса за интеграција, бидејќи, како што вели, на ланските парламентарни избори грубо било прекршено правото на глас или на легитимност на албанските гласачи.

–Затоа, ова требаше да биде една кауза што ќе продолжи за локалните избори. Но, таа кауза престанува да продолжува во моментот кога менуваш име на коалиција. Во ред е да се припојат кон таа коалиција и други политички актери, но многу беше грешка што се промени името – истакна Села.

Тој додава дека наместо да вперуваат прст меѓусебно кој бил крив а кој не во коалицијата, најкоректно е да делуваат сами како политичка опција. Притоа, Села посочува дека локалните избори веќе завршиле, без оглед што треба да има прегласување во Гостивар, Врапчиште и уште 2 општини – Маврово Ростуше и Центар Жупа.

–Ја анализираме ситуацијата. Самиот факт што има нови рокови, нели од денес почнуваат роковите да се пријавуваат независни кандидати, право пак да се конкурира итн., покажува дека се нови избори. Не се исклучува одлука ние да излеземе и сами во тие општини – рече Села, мислејќи на Гостивар и Врапчиште.

Ако АА на Села кандидира свој кандидат за градоначалник на Гостивар, тогаш тој ќе треба да се судри со Лимани од крилото на Таравари, кој, според официјалните најави, ќе биде поддржан од ДУИ. Во таква ситуација, ќе биде интересно да се види како ќе се постават владејачките ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.

Односно, дали двете партии пак ќе застанат зад Даути, како што всушност направија на претходните неуспешни избори? Друга опција е ВЛЕН да кандидира друг кандидат, кој повторно би бил поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. И, трета опција е тие да го поддржат евентуалниот кандидат на Села.

Доколку ВЛЕН, ВМРО и Села застанат зад заеднички кандидат, тогаш тој би бил поконкурентен во однос на Лимани, кој сепак ќе важи за фаворит поради силното локално влијание на Таравари и поддршката од ДУИ на Али Ахмети. Она што најмногу може да му ја загрози победата на Лимани е ако ДУИ одлучи да исфрли свој кандидат за градоначалник, но од Мала Речица засега отфрлуваат такво сценарио.

Инаку, партиски извори велат дека излегувањето на Села од НАИ, меѓу другото, претставува потег чија цел е да се намали потенцијалот за победа на Таравари. Иако Ахмети успеа да ги обедини Села и Таравари во НАИ, сепак, тие никогаш не се појавија заедно на некој настан. Патем, Села до денес вели дека невозможна е соработка со Таравари, зашто е нестабилен и никогаш не побарал извинување за расколот во АА.

Во меѓувреме, внимание привлече повлекувањето од партискиот живот на поранешниот министер за правда Кренар Лога, кој е во роднинска врска со Села и важеше за негов близок соработник. Неофицијално, Лога се повлекол бидејќи не се согласувал со одлуката на Села да го напушти НАИ во ситуација кога претстојат избори во неколку општини.

Упатените велат дека кога власта ќе ја крои стратегијата за претстојните парцијални избори, пред се за Гостивар, ќе има во предвид главно 2 аспекти. Прво, како да се зададе дополнителна штета врз Ахмети и Таравари, доколку тие се на една страна, т.е. за кого од нив да се одигра ако истрчаат посебно? Второ, дали и како својата поддршка на изборите ќе може да ја искористат во контекст на идно проширување на парламентарното мнозинство или за обезбедување на Бадентеровото мнозинство?

Се погласни најави за проширување на мнозинството: Дали новиот субјект на Села ќе влезе во Владата?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести