Помина точно една година откако беше донесена правосилната пресуда за случајот ,,Плацеви на Водно”, со која екс премиерот Никола Груевски беше осуден на 9-годишна затворка казна. Но, и по толку време, се уште не е продадена ниту една недвижнина од тајниот имот на Груевски.
Според информациите на ,,Фокус”, становите се оддамна проценети, но се уште не се огласени за продажба, а проценката на плацовите пак се уште не е направена.
Од Агенцијата за управување со одземен имот ни одговорија дека се уште нема новини за случајот, а продажбата нема да се случи наскоро, поради закажаните избори во април и мај.
-Во врска со одземениот имот на Никола Груевски ве известуваме дека се уште нема никаква нова ситуација, а со оглед на предизборниот период, Агенцијата за управување со одземен имот не може да врши продажби на одземениот имот, ни одговорија од Агенцијата.
Проценката на петте одземени станови од Груевски беше напрвена уште во октомври минатата година, но од Владата со месеци не даваа зелено светло за продажба.
Вредноста на становите е 1,9 милиони евра, а три се наоѓаат во луксузниот комплекс ,,Панорама” на Водно.
Еден од становите се наоѓа на сутерен, а два од овие луксузни апартмани се наоѓаат на поткровјето на комплексот. Сите се со вкупна површина од 750 квадратни метри.
Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.
Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со посебни делови од зградата во површина од 95 квадрати, вториот е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни, а третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и идентичен балкон од 48 квадрати.
Нови сопственици треба да добијат и двата стана на Груевски во Кисела Вода. Тој пред да избега, живееше во дуплекс, односно два споени стана со површина од над 140 квадратни метри. Но, имал уште два стана на истиот кат, со вкупна површина од 100 квадратни метри, а во вредност од 100.000 евра. Едниот го користел како библиотека, а другиот како работна соба.
Веќе седум месеци пак се чека да се направи проценка на вредноста на атрактивниот плац на Водно.
Од Бирото за проценки не добивме одговор зошто им е потребно толку време за да ја одредат вредноста на имотот.
За да имотот се огласи за продажба, најпрвин треба да се направи проценка, а потоа да се даде зелено светло и од Владата, па дури тогаш Агенцијата за управување со одземен имот објавува оглас.
Овој плац, во местото Шербетница, е со големина од над 10.000 квадратни метри, и е поделен на три парцели. Според пресудата за ,,Плацеви на Водно”, Груевски тајно го купил имотот за 1,3 милиони евра, а бизнисменот Сергеј Самсоненко кој тврдеше дека плацот е негов, велеше дека го платил 1,8 милиони евра. Сепак тој ја изгуби судската битка, бидејќи според пресудата, бил фиктивен сопственик.
Според сегашното законско решение, на јавната аукција нема право да се јави осуденото лице од кого е конфискуван имотот, но нема пречка како купувач да се јави некој од членовите на неговото семејство.
Валентина Вурмо