Иако се уште нема конечен договор, 8-ми мај следната 2024 година се наметнува како најизгледен датум кога треба да се одржат споени парламентарни и претседателски избори.
Од владејачките партии велат дека се уште нема дефинитивна одлука, но владини извори неофицијално посочуваат дека сите дискусии засега водат кон 8-ми мај, бидејќи тогаш може да се спојат изборите, а притоа да бидат редовни.
Според нашите соговорници, се разгледувала можноста заеднички избори да се одржат и во април, што значи малку да се скрати мандатот на пратениците, но тоа е веќе речиси невозможно сценарио.
Инаку, уставните и законските рокови предвидуваат од распишување до одржување на претседателските избори да се обезбедат минимум 70, а максимум 90 дена.
Во однос на парламентарните избори, како резултат на Пржинскиот договор, пак, 100 дена пред избори треба да има техничка влада.
Кандидати за технички премиер: Фатон Ахмети е главен фаворит, во игра може да влезе и Талат Џафери!
Оттука, можни датуми за претседателски избори во прв круг се 14 и 28 март, како и 11 и 25 април. Можни датуми за вториот круг, пак, се 28 март, 11 и 25 април, како и 8 мај.
Кога станува збор за парламентарните избори, кои се одржуваат во рок од 90 дена од тековниот мандат на пратениците, кој, пак, завршува на 4-ти август, најрано може да се одржат на 5 мај, а најдоцна на 15 јули.
На тој начин, треба да се овозможи конституирање на Собранието во рамки на Уставот – најдоцна 20 дена од гласањето.
Доколку изборот падне на 8-ми мај, како што засега се очекува, веќе беше предупредувано дека можно државата да остане без претседател поради евентуални жалбени постапки.
Односно, ако има прегласување на неколку гласачки места, може да се случи постапките да не завршат до инаугурацијата на новиот шеф на државата, предвидена за 12-ти мај.
Дали Ахмети ќе му остане до крај верен на Ковачевски или ќе му подаде рака на Мицкоски?
Откако СДСМ преку највисоките претставници постојано порачуваше дека треба да се почитуваат роковите и изборите да бидат одвоени, сепак, на крајот по се изгледа изборите ќе бидат споени.
Ваков расплет следува откако ДУИ настапи со позиција дека кај нив преовладува мислење за заеднички избори поради политички, финансиски и логистички причини.
Практично, тоа е на линија на ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која подолг период наназад бара споени избори, меѓу другото, за да нема опасност од пропаѓање на претседателските избори поради непостигнување на цензусот од 40 отсто.
Од власта предводена од СДСМ и ДУИ неофицијално велат дека се приклониле кон опцијата за двојни избори за да се обезбеди предвидливост на изборните процеси, но и функционалност на институциите.
Она што е поголем предизвик од датумот на избори, додаваат од таму, е одлуката дали да се настапи со еден широк проевропски фронт или пак во посебни табори.
Алијанса предизборно ќе се крши кој пат да го фати, можно ли е разидување меѓу Села и Таравари?
Има многу аргументи за формирање на една голема коалиција меѓу СДСМ и нивните традиционални партнери, ДУИ која патем треба да ги собере сите помали албански опозициски партии на Скендер Реџепи, Аријанит Хоџа, како и се уште неодлучната АА, која е очигледно поделена по ова прашање.
Како што вели функционер на СДСМ, при една широка и мешана предизборна коалиција има опасност да бидат мета на националистичка кампања, меѓутоа ќе се направи поделба на европски и антиевропски фронт. Плус, во ваква коалиција ќе се намалат анимозитетите меѓу ДУИ и АА.
Имено, ДУИ е отворена за коалиција со Алијанса, меѓутоа Арбен Таравари е против. Неофицијално, тој е повеќе и за обединување со албанската опозиција, меѓутоа против тоа е крилото на Зијадин Села, поради што се наметнува самостојниот настап како излезно решение, што би спречило евентуална поделба на партијата.
Засега, „интегративците“ стојат цврсто со СДСМ, што кореспондира со расположението на меѓународната заедница, која смета дека ваква коалиција може да ги истурка уставните измени од кои зависи интеграцискиот процес, меѓутоа многу сигнали навестуваат дека е можно да коалицираат и со ВМРО-ДПМНЕ, зависно од изборните резултати.
Во таа насока, освен што изградија позиција за заеднички избори, од многу функционери на ДУИ може да се слушне дека после изборите ВМРО-ДПМНЕ нема да може да ги игнорира „интегративците“ ако победат во албанскиот блок, а не ретко знаат да кажат дека тие ќе ја почитуваат волјата кај Македонците.
Всушност, тоа претставува реафирмирање на принципот „победник со победник“, кој ДУИ го прекрши после пресвртните избори во 2016 година, по кои направи влада со СДСМ, иако ВМРО имаше 2 пратеници повеќе.
Тогаш, од Мала Речица објаснуваа дека исходот зависел од неколку гласа во Теарце, потенцирајќи дека во иднина ќе мора да се почитува принципот „победник со победник“, особено при јасна волја на избирачите од двете најголеми етнички заедници.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека принципот веќе еднаш е прекршен и дека нема да ги обрзува да направат влада со ДУИ, без оглед дали ќе има повеќе или помалку пратеници од албанската опозиција.
Од таму уверуваат дека, доколку имаат можност, идната влада ќе ја прават со Беса, Алтернатива и ДД на Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити.
Од овие партии, пак, истакнуваат дека нивниот услов за преговори за идна влада ќе бидат ЕУ-интеграциите, што би подразбирало усвојување на уставните измени, кои се чини дека повеќе е од јасно е оти нема да поминат во овој парламентарен состав.
Влатко Стојановски