ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ќе ги бојкотира предвремените избори за нов градоначалник на Штип, закажани за 13 декември, доколку пропадне последниот обид за постигнување на договор со СДСМ за презакажување на изборите во рамки на законски дозволениот рок , кој истекува во февруар следната година, велат за Фокус од опозициската партија.
-Во ваква ситуација, со рекорден број на заразени, нема поволен амбиент за одржување на избори и гласање. Кога бројот на заразени со ковид постојано расте, не може да се води нормална кампања. Поради ковид-кризата, но и поради фактот што во Советот на Општината веќе мнозинство има СДСМ, многу потешко може да се мобилизираат незадоволни и неопределени гласачи, кои практично би требало да се изложат на здравствен ризик за да изберат градоначалник, и тоа градоначалник за период од само неколку месеци, кој патем би имал заврзани раце од Советот и не би можел да реализира проекти – објаснува висок партиски функционер.
Според него, власта предводена од СДСМ свесно ги испланира предвремените локални избори во Штип за овој период, во координација со, како што посочува, иницијативата за промени во ВМРО-ДПМНЕ, која веќе најави дека после овие избори ќе одржат конгрес за изгласување на доверба на Христијан Мицкоски, односно за избор на нов партиски лидер.
-Овие избори всушност се избори за нов градоначалник за период од нецела година, колку што има до редовните локални избори следната година. Но, истовремено тие мора да се одржат, бидејќи законски в.д. градоначалник не може да ја врши оваа функција повеќе од 6 месеци. Тука, со повлекувањето на поранешниот градоначалник на Штип во Владата, Зоран Заев одигра тактички за да се одржат избори по секоја цена, бидејќи тој игра на картата изборите да се стават во контекст на одредени внатрепартиски состојби во ВМРО-ДПМНЕ до редовните локални избори – вели нашиот соговорник од опозициската партија.
Инаку, предвремени избори за градоначалник се одржуваат во случај на смрт, изречена правосилна пресуда, или пак во ваков случај како сега во Штип, кога градоначалникот е именуван на друга функција, неспоива со градоначалничката. Имајќи во предвид дека Благој Бочварски беше избран за министер за транспорт и врски во август годинава, избори за градоначалник мора да се спроведат до февруар, бидејќи в.д. градоначалник може да ја води општината најмногу 6 месеци.
-Избори во Штип ќе се одржат во закажаниот термин и тие ќе бидат спроведени согласно сите здравствени протоколи. Аргументите на опозицијата против одржувањето на изборите се неиздржани и тие претставуваат само алиби да не учествуваат во изборен натпревар во кој ќе загубат и на тој начин ги чуваат своите позиции во партијата – велат од СДСМ, каде веќе го номинираа пратеникот Сашко Николов за кандидат за градоначалник на претстојните предвремени локални избори.
Во меѓувреме, се огласија и од Иницијативата за промени на ВМРО-ДПМНЕ, од каде порачаа дека партиското раководство се плаши од изборно соочување во Штип, кој, како што истакнуваат, претставува бастион на партијата. Претходно, од таму најавуваа дека ќе го чекаат исходот на овие избори, па ќе го иницираат вонредниот партиски конгрес за изгласување на (не)доберба на Мицкоски. Според нивниот план, на овој конгрес треба да учествуваат истите делегати од Валандово, кои впрочем го избраа наследникот на Никола Груевски.
Влатко Стојановски