Изборен реванш меѓу Пендаровски и Силјановска, „докторски“ дуел Османи-Таравари: Кој влегува во трка за претседател?

„Фокус“ уште на почетокот на годинава објави дека на претседателските избори повторно ќе се судрат актуелниот претседател Стево Пендаровски и универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова. Покрај нив, во изборниот ринг влегуваат и Билјана Ванковска со поддршка од Левица, лидерите на ГРОМ и ЗНАМ Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски. Притоа, свои адути ќе имаат и албанските партии - докторите Бујар Османи и Арбен Таравари.

by Фокус

Полека но сигурно, се комплетира листата со кандидати за претседател на претстојните избори, кои треба да се одржат во пакет со парламентарните избори. Иако ниту формалните партиски процедури, ниту постапките за собирање на потписи не се завршени, сепак, дел од партиите во јавноста веќе ги промовираат своите адути. Некои од нив, пак, и сами ги истакнаа амбициите за шеф на државата.

Практично, се потврди информацијата на „Фокус“ објавена уште на почетокот на годинава дека ќе се повтори дуелот од последните претседателски избори во 2019 година, кога се судрија актуелниот претседател Стево Пендаровски и универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова. Како што пишувавме тогаш, одамна се направени анализите дека тие се најдобри можни кандидати на СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ, само се чекаше официјална потврда.

Анализите се скоро готови, остануваат само формалности: Пендаровски и Силјановска пред нова претседателска пресметка!

Всушност, Пендаровски се вклопува во профилот за идниот претседател што во неколку наврати јавно го „нацрта“ лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски. Во таа насока, Ковачевски и во последното интервју за „Фокус“ изјави дека „профилот на претседателскиот кандидат треба да ги дели европските вредности и да ги обединува во заедничка коалиција партнерите од Европскиот фронт“.

(ИНТЕРВЈУ) Ковачевски: Претседателскиот кандидат треба да ги дели европските вредности и да ги обединува партнерите!

Претседателскиот кандидат треба да се залага за евроинтеграцијата на државата, за надворешна политика што е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, кој ги почитува меѓународните договори на државата, и крајно ја почитува и ќе се залага за спроведување на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ.

Претседателскиот кандидат треба да се залага воедно за еднакви можности за сите граѓани, без разлика на нивната етничка или друга припадност, но и да се залага за европските вредности на врвно владеење на демократија, на социјалната правда, но и за економски раст и развој на државата со кои ќе се обезбеди подобар животен стандард на граѓаните – рече тој.

Од друга страна, пак, Пендаровски првично беше резервиран за уште една, трета по ред, претседателска кандидатура (во 2014 загуби од Ѓорге Иванов, а во 2019 ја победи Силјановска). Како што велеше тој, неговата одлука ќе зависи од поддршката од граѓаните, односно од котирањето на анкетите, како и од поддршката на партиите од владејачкиот блок.

Сакам прво да го завршам мандатот, имам уште десетина месеци. Проценките што ќе ги правам во однос на нов мандат, ќе бидат кон крајот на годината и притоа, клучно ќе биде дали ја имам поддршка и од граѓаните и од политичките партии. Досега никој не станал претседател како целосно независен кандидат – рече Пендаровски во интервју за „Фокус“ на средината на минатата 2023 година.

(ИНТЕРВЈУ) Пендаровски: Јас не коленичам како Мицкоски, за нова кандидатура клучна ми е поддршката од граѓаните и партиите!

Како што пишуваше „Фокус“, во калкулирањето на Пендаровски имаше уште една компонента – партискиот рејтинг на СДСМ, бидејќи од тоа ќе зависи и неговиот резултат, а тој не сака да влезе во однапред загубена битка. Сепак, како што изминуваше годината, шефот на државата испраќаше се појасни и подиректни пораки дека е поблиску до нова кандидатура отколку до политичка пензија.

Ако ме прашувате денес, декември, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидирам – рече тој во интервју на „360 Степени“. Во меѓувреме, тој се објаснуваше и за една негова изјава дека не размислува за уште мандат, истакнувајќи дека тоа не значело дека нема да се кандидира, туку дека не е време да се мисли на тоа. Сега, СДСМ веќе го промовира како претседателски кандидат, а од неговиот кабинет најавуваат официјална потврда следната недела.

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ и претседателските избори, партискиот лидер Христијан Мицкоски изјави дека анкетирале дваесетина имиња. Според нашите информации, покрај Силјановска, меѓу се нив се Сашко Кедев, Ганка Самоилова-Цветановска, Александар Спасеновски, Антонијо Милошоски, Зоран Ставрески, Ивица Боцевски, Горан Момироски, Срѓан Керим, Љупчо Коцарев…

Од сите нив, убедливо највисок рејтинг имал кардиологот Кедев, кој се споменуваше и како носител на пратеничка листа на претходните парламентарни избори. Арно ама, тој јасно кажа дека не е заинтересиран пак да влезе во политиката, од која се повлече откако на претседателските избори во 2004 година загуби од Бранко Црвенковски и му истече пратеничкиот мандат во 2006 година.

После него, најдобро рангирана беше Силјановска, но добро стоеше и Спасеновски. Иако и двајцата се универзитетски професори, кои патем имале блиска соработка на скопскиот Правен факулет, сепак, станува збор за профили со различни позиции во поглед на значајни и крупни политички прашања и случувања.

За разлика од Силјановска, која се спротивставува(ла) кон Рамковниот договор, ги критикувала и Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија и била против уставните измени согласно „францускиот предлог“, Спасеновски има многу помек став во однос на овие теми, што го правеше кандидат што повеќе ја следи линијата на меѓународната заедница, чии интереси во последно време се судираат со определени позиции на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа, тој смета дека обврската за уставни измени ќе и остане на следната власт како реалност на која ќе мора да се прилагоди, додека Мицкоски постојано вели дека нивниот став против уставните измени под овие услови нема да осцилира. Освен тоа, Спасеновски често критикувал конкретни потези на Мицкоски, како, на пример, обидот да се исфрли ДУИ од власта.

Во однос на потенцијална претседателска кандидатура, тој говореше дека запознаен е оти се прават анкети и дека долгата партиска листа се повеќе се намалувала, но сепак додаваше дека личниот рејтинг и политичките ставови се само дел од критериумите, бидејќи, според него, партиите при изборот се водат и од други познати и помалку познати варијабли.

Една од тие варијабли што се зема во предвид при носење на партиски одлуки од кадровски карактер е лојалноста или довербата. Во тој контекст, партиски извори велат дека довербата на релација Мицкоски-Силјановска значително се зголемила во изминативе години, кога Силјановска доби доверба да ја води и пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица.

Иако Силјановска настапува далеку посамостојно и независно во Собранието во споредба со другите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, имајќи во предвид дека често знаела да говори, па дури и да гласа поинаку од колегите од опозицијата, сепак, добро упатени партиски извори велат дека тоа никогаш не предизвикало проблем во нејзиниот однос и комуникација со Мицкоски.

Според нашите соговорници, Силјановска имала големи дилеми дали да влезе во претседателска битка пред 5 години, но на крај одлучила да го напушти комодитетот и да влезе во политика, каде ќе има можност нешто да промени. Но, ако тогаш имала дилеми, тие веќе не постојат, особено откако претставници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ јавно најавуваат дека токму за неа ќе стават потпис и ќе гласаат на конвенцијата.

Од идниот претседател очекуваме да покаже висок степен на независност во донесувањето на одлуките, силен морален интегритет, добро познавање на областите што се во негова надлежност, висок степен на одговорност и достојно претставување на државата надвор од нејзините граници. Тоа е сето она што во голем дел недостасуваше во претходниот период – рече на оваа тема потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во последното интервју за „Фокус“.

Интервју | Тимчо Муцунски: Доколку се создадат услови, наш посакуван партнер за идната влада се партиите од албанската опозиција!

Покрај нив, во изборната трка за претседател се вклучи и Билјана Ванковска со поддршка на Левица, како и лидерите на ГРОМ и ЗНАМ, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски. Свои кандидати имаат и албанските партии, така што ДУИ најави дека ќе го кандидира шефот на дипломатијата Бујар Османи, како одговор на кандидатурата на лидеорт на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој е поддржан од опозициските Беса, Алтернатива и Демократско движење.

ДУИ спрема лов на 25 пратеници со АА, албанската опозиција го врбува Таравари за претседателски кандидат!

Најголемиот дел од нив својата кандидатура ќе ја потврдат откако ќе соберат 10.000 потписи, бидејќи немаат поддршка од 30 пратеници во Собранието. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Постапката почнува денеска и трае непрекинато секој ден.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости