Изборен инженеринг на балкански начин

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 26-ти октомври 2012-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 904

Пишувал
Бранко ГЕРОСКИ

Дали некогаш сте слушнале за гратчето Вргорац во Хрватска? Веројатно не. Ни јас не бев слушнал, додека на интернет не прочитав една неверојатна приказна за ова чудно место, во Сплитско-далматинската жупанија, кое од морето го дели еден неизграден тунел. За Сребреница, пак, бездруго сте слушнале. Многумина од вас веројатно некогаш ги посетиле Будва и Дубровник, а некој можеби бил и во Сараево.

Знаете ли што ги поврзува овие места, со македонската општина Ресен, освен, се разбира, природните убавини и сеќавањата на ученичките екскурзии во поранешна Југославија?

Тоа е феноменот на фиктивните избирачи, една од најсофистицираните методи на изборниот инженеринг, „патентирана” во времето на режимот на Слободан Милошевиќ, кога Вождот во многу општини во Србија ги добиваше изборите, меѓу другите манипулации и притисоци, и со ползување на услугите на „увезени” избирачи од Република Српска.

Поради реакциите на синтагмата „српски воз”, што ја употребив (презедов) во дневен „Фокус”, која некои наши локални Срби ја доживеаја како навредлива (?), но и поради временската дистанца, се определив во оваа екскурзија да ги исклучам српските лендмаркови на изборниот инженеринг.

И без нив, приказните што ќе ги прочитате се поучни, бидејќи сведочат за фактот дека махерите за изборни манипулации на Балканот користат слични или идентични методи и меѓусебно се инспирираат.

На некои од нив, Груевски може вода да им носи. Засега…

РЕСЕН, АМА И ОХРИД, КАРПОШ И КИСЕЛА ВОДА

Пред неколку дена во дневен „Фокус” ја презедов информацијата на порталот Охрид скај, кој алармираше на повторен наплив на фиктивни избирачи од Мала Преспа и Корча од Албанија, за следните локални избори. Станува збор за нашинци, македонски државјани (кои во деведесеттите години државјанствата ги добија на една адреса во Скопје, таа на МВР), кои во изминатите години, сосема легално, со склучени договори за закуп на стан, добиваа и добиваат лични карти во општина Ресен (веројатно и на други места), а со тоа стануваат и избирачи.

Јавна тајна е дека на локалните избори во 2009 година, кога Димитар Бузлевски изгуби за само 6 гласа (иако после првиот круг водеше за 670 гласови), беше спроведена масовна акција за издавање документи за гласање за оваа категорија граѓани, кои од благодарност (а можеби и за извесен надомест), гласаа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Охридскиот портал, чии информации претпазливите новинари двојно ги проверуваат, тврди дека слична акција сега се подготвува не само во Ресен, туку и во Охрид, каде што лични карти ќе добиваат „проверени” сопственици на викенд станови, за да гласаат против сдсмовскиот кандидат Александар Петревски.

Интересно е дека овие наводи се совпаѓаат и со некои мои инсајдерски информации, дека слична операција се подготвува и во две скопски општини – во Карпош (каде што, традиционално, е таргетирана населбата Злокуќани) и во Кисела Вода. Во Кисела Вода, според некои интерни партиски анкети, СДСМ има сѐ поголеми шанси да го победи ВМРО-ДПМНЕ и затоа е оценето дека еден контингент фиктивни избирачи и таму веројатно ќе биде неопходен.

Се разбира, ништо од сето ова не е лесно докажливо. На тоа предупредуваат и експерти, кои велат дека навистина е тешко да се докаже дали некој студент или млад сезонски работник, родум од некоја „вмровска” општина од внатрешноста на земјата, добил скопска или охридска лична карта за да стане фиктивен гласач, или затоа што на тоа има право, бидејќи законот тоа му го овозможува.

Не е случајно тоа што сега, на одвај неколку месеци пред претстојните претседателските избори, Хрватите се обидуваат да го променат законот за место за живеење (жителство). Така, новиот хрватски закон треба да воведе поими трајно и привремено жителство, додека поимот место на престој (пребивалиште) би требало да замине во заборав.

Целата таа правна сплетка е премногу комплицирана да се објаснува, но идејата, во основа, е да се спречи појавата луѓето да имаат лични карти на лажна адреса, а тамошното МВР да не може да ги одјави од таа адреса без нивно лично барање. Се смета дека на пописот на избирачи во Хрватска сега има вишок од 300.000 до 500.000 имиња, не сметајќи ги оние од дијаспората. Станува збор за лица кои никогаш не живееле на адресите на кои се пријавени, но и луѓе кои некогаш живееле во Хрватска, но се иселиле и не се одјавени (овие вториве се главно од српска националност).

ВРГОРАЦ, ГРАД СО 6.500 ЖИТЕЛИ И 10.000 ЗДРАВСТВЕНИ КАРТОНИ

Но, да се вратиме на нашите приказни. Според ланскиот попис, Вргорац, заедно со 26 околни села, има точно 6.501 жител. Но, на избирачкиот список има 7.118 имиња. Во некои станови и куќи во ова гратче се пријавени по 20 и по 30 луѓе. Фиктивните избирачи доаѓаат од соседна Херцеговина и се припадници на ХДЗ.

Во Вргорац ХДЗ на Фрањо Туѓман е на власт од 1993 година. На првите локални избори во 1991 година, победила СДП на Ивица Рачан, но на изборите во 1993 година, според една репортажа во хрватските медиуми, во местото доаѓаат видни фаци од Загреб, со пораката „имате половина час да си заминете”. Работата така е и завршена, експресно и со закани.

Во 2001 година локалната коалиција на СДП и ХНС повторно ќе зајакне, но од тогаш до денес на сцена се фиктивните избирачи од Херцеговина. Се смета дека ги има околу 2.800. Ги пријавуваат роднини, пријатели, па дури и локалниот клуб на ХДЗ. Според некои шпекулации, гласовите се плаќаат по 400 куни, еквивалент на 100 конвертибилни марки. „Ние сме заложници на сопствената власт, бидејќи 30 до 40 отсто од пријавените избирачи се фиктивни и изборите губат смисла”, се жалат Вргорчани во хрватските медиуми.

Ситуацијата во ова место е трагикомична. Зградата на тамошното основно училиште е престојувалиште на десетици луѓе. Така е барем според документите. Фиктивни избирачи се пријавени во други јавни објекти, дури и во зградата на локалната полиција. Но, проблемите не завршуваат со изборите.

Откако фиктивниот избирач ќе добие лична карта и ќе ја исполни својата „граѓанска должност”, тој очекува државата да му возврати, да го награди. Па така, фиктивните избирачи се пријавуваат како невработени и ги користат сите возможни статусни права што ги нуди хрватската држава – здравствено осигурување, детски додаток, училишни и студентски стипендии итн.

Затоа, во Вргорац, град со околу 6.500 жители, има околу 10.000 здравствени картони. Бремените жени лажно се вработуваат како куќни помошнички и со тоа остваруваат право на надомест за породилно. Гратчето Имотски, на пример, уште еден бисер на изборниот инженеринг, е своевиден феномен – има 5.000 жители, од кои 1.000 се пријавени како куќни помошнички!

Сето тоа е цената која власта ја плаќа за да им се оддолжи на фиктивните избирачи. Имаа индиции дека слична цена за гласовите на лажните избирачи плаќа и државата Република Македонија.

Интересно е дека на локалните избори во 2009 година, коалицијата предводена од СДП, како пример за присуство на фиктивни избирачи, го посочи и Дубровник. Тогаш градот имаше 45.000 жители и околу 41.000 регистрирани избирачи. Сомневањата беа дека во акција се најмалку 5.000 фиктивни гласачи. Партиите кои бараа истрага, се повикаа на писмо на незадоволна дубровчанка, со стан на улицата Јосип Косор број 4, адреса на која вистински живееле 20 лица, а биле пријавени – 47 избирачи.

ПРЕДИЗБОРНИОТ ТЕРОР ВО БУДВА ПОТСЕТУВА НА ОХРИД

Што јужније, то тужније. Неодамна во Црна Гора се одржаа парламентарни избори, на кои повторно победи Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ. Губитниците, припадниците на Социјалистичката народна партија (СНП), се пожалија на т.н изборен мобинг и предизборен терор од власта. Како пример е посочен градот Будва, бисерот на црногорскиот брег.

Чуда можат да се прочитаат во една репортажа на црногорски „Монитор”. Суштината на предизборниот мобинг била да се попишат несигурните и колебливите избирачи, во сите фирми, државни и приватни. Со секој од нив наводно директно се „разговарало” и за нив се воделе досиеја. Откриени се и тајни списоци на сигурни гласови во локалните јавни претпријатија. Губитниците на изборите тврдат дека на овој начин буквално е таргетиран секој вработен и секој пензионер во оваа туристичка општина.

Кавгата во Будва трае од 1997 година, од поделбата на тогаш единствената партија меѓу приврзаниците на Мило и на Момир Булатовиќ. Соговорник на „Монитор” тврди дека во изборниот натпревар во Будва сега ДПС однапред води со три спрема нула. Партијата на Мило има бригада од 500 до 600 партиски активисти на теренот, кои контролираат 14.500 граѓани со право на глас.

И во Будва се користат услугите на фиктивните избирачи. Некои се шегуваат дека градот е изграден според урбанистичкиот концепт – една куќа, што повеќе избирачи. Има многу странски државјани, сопственици на куќи и станови, кои се пријавени како жители на Будва, поради поволниот данок на имот. Тие не доаѓаат на гласање, никој не ги познава, па власта организира дублери, кои со нивните лични податоци се појавуваат на избирачките места.

Можно ли е едно такво сценарио да се изведе и во Охрид? Моите извори велат дека со извесни модификации, тоа може да се стори. Секој што има викенд-стан во Охрид или е кираџија во тој град (студент, ученик, сезонски работник), има можност легално да извади лична карта и да се запише во избирачкиот список. Обележувањето на гласачите со спреј на прстот веројатно ќе оневозможи исти избирачи да гласаат два пати, но тоа и не е поентата на операцијата – вицот е во тоа да се префрлат избирачи од „сигурните” вмровски општини, во оние општини каде што се очекува победа на СДСМ. А Охрид бездруго е една од таквите општини.

Во Црна Гора, Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС) се пожали дека на избирачкиот список има повеќе од 6.000 мртви души, но владата ги негираше тие наводи. Претходно, таа невладина организација соопшти дека на избирачкиот список има најмалку 14.000 избирачи кои имаат еден или повеќе двојници, со исти имиња, презимиња, но со исти – адреси.

Тие меѓу себе се разликуваат по тоа што имаат различни матични броеви. Владата на ДПС на Ѓукановиќ го негираше и тој податок, објаснувајќи дека опозицијата бара алиби за изборниот пораз. Дали нешто слично се случува и во Македонија? И кој за тоа води сметка?

БИТКА ЗА СРЕБРЕНИЦА

И октомвриските локални избори во Босна и Херцеговина покажаа дека постојат сомневања за манипулации со избирачкиот список. Така, Централната изборна комисија беше принудена да најави двојна проверка на гласачките ливчиња стасани по пошта, бидејќи се појавија сомневања дека во општините Источна Илиџа и Источно Ново Сараево, извесен број избирачи се пријавиле за гласање по пошта од Србија, но под неразјаснети околности, се нашле и на централниот избирачки список во тие општини.

Сепак, хит на овие локални избори беше Сребреница, град добро познат по војната, со огромно симболичко значење за Бошњаците. Во еден локален медиум, во септември, осамна ваков наслов: „Војната во Сребреница не е завршена, матните работи на политичките елити пак го делат градот”. Стануваше збор за надмудрувањата меѓу српските и бошњачките партии пред локални изборите.

Во страв дека прв пат после војната Бошњаците би можеле да ја изгубат локалната власт, тие покренаа иницијатива „Ќе гласам за Сребреница”, чија цел беше да се регистрираат што повеќе нови избирачи, за да ја осигураат победата на досегашниот градоначалник Ќамил Дураковиќ.

Регистрирани се околу 4.500 нови гласачи на изборите, од кои 2.400 пријавиле престој во Сребреница. Бошњачките политичари објаснуваат дека станува збор за луѓе кои на почетокот на војната живееле во Сребреница, но потоа избегале поради геноцидот и сега се вратиле назад.

Но, српските локални политичари пеат друга песна. Тие во целата акција гледаат обид за манипулирање со Сребреница и за уривање на Дејтонската спогодба. Се доведуваат фиктивни избирачи, кои ги има по 20 на иста адреса, а кампањата е нерегуларна, бидејќи во неа се вклучени странски државјани, меѓу кои и загрепскиот и санџачкиот муфтија.

Незгодата е што целата акција е легална, бидејќи според законите на БиХ, сите граѓани можат слободно да избираат жителство. Но, тоа сепак не е добро објаснување за чудниот феномен што за два месеца се пријавиле 2.000 нови жители на Сребреница, а за десет години – само 2.500. Да биде хаосот поголем, околу 4.500 граѓани од српска националност сѐ уште се на избирачкиот список за Сребреница, иако не живеат таму.

Дека има манипулации зборува и фрапантниот податок дека само четири дена после изборите, 216 избирачи ги одјавиле своите престојувалишта во Сребреница. Едноставно, исчезнале. Тоа не се граѓани на ова гратче, туку фиктивни избирачи, кои дошле, се пријавиле, гласале и откако си ја завршиле обврската – се вратиле назад во своите општини. Целта беше постигната. Дураковиќ победи со предност од 331 глас пред заедничкиот кандидат на српските партии, Весна Кочевиќ.

ОПОЗИЦИЈО, ОТВАРАЈ ОЧИ ЧЕТИРИ!

По оваа прошетка по лендмарковите на изборниот инженеринг, се враќаме во Македонија, со јасна предупредувачка порака – на помалку од шест месеци пред локалните избори, постои голема опасност партијата на Груевски, која комплетно ја контролира полицијата, навистина да изведе операции на масовно уфрлање на фиктивни избирачи во „спорните” општини. На локалните избори често се победува со тесен резултат, токму како во Ресен во 2009 година. Доволни се неколку десетици такви лажни гласачи, за да се направи пресврт.

Опозицијата уште сега треба да отвори очи четири и да ги провери наодите на медиумите дека се подготвуваат вакви операции. При отворањето на избирачкиот список, секоја адреса на која се пријавени поголем број избирачи треба да се провери. Производството на фиктивни избирачи е речиси легална операција и затоа постои само еден единствен начин да се докажат ваквите манипулации – махерите да се фатат ин флагранти. На дело и со докази. А потоа жестоко да се реагира и да се предупреди меѓународниот фактор на можните последици.

Нема да биде лесно, се разбира. Но, кој тоа на опозиционерите ги излажал дека локалните избори лесно ќе ги добијат?

Димитар БУЗЛЕВСКИ во битка за Ресен
МИНАТИОТ ПАТ МЕ ПОБЕДИЈА СО 400, А СЕГА МИ ПОДГОТВУВААТ 1.000 ФИКТИВНИ ИЗБИРАЧИ!

Димитар Бузлевски ги изгуби минатите локални избори за само шест гласа, иако по првиот изборен круг водеше со 670 гласови. Работата ја завршија фиктивните избирачи од Мала Преспа, чиј број, според неговите проценки, тогаш се движел околу 400.

Станува збор за Македонци, кои во деведесеттите години пребегаа од Албанија во Македонија и сите на една адреса, адресата на МВР во Скопје, добија македонско државјанство. Тие луѓе сега склучуваат фиктивни договори, со кои стануваат кираџии во Ресен и во околината, добиваат биометриски лични карти и имаат право на глас. Бузлевски вели дека има случаи на една адреса да се пријавени и по 30 фиктивни избирачи.

– За следните избори, власта проценува дека моите шанси се високи и затоа подготвува пообемна операција, со која ќе обезбеди дури 1.000 фиктивни избирачи. На луѓето, освен право на глас, им ветуваат и социјална заштита, пријавување во Агенцијата за невработени и надомест, здравствено осигурување и слично – објаснува тој.

Бестселер
КРАЖБА НА ИЗБОРИ НА 36 НАЧИНИ

Пред две-три години, во Франција се појави книга од група автори со наслов „Триесет и шест начини како да се украдат избори” (асоцијација на 36-те древни кинески стратегии за психолошко војување), составена од повеќе статии за разни искуства од Европа и од другите делови од светот. Книгата стана бестселер, се распродаде и дури и се повлече од интернет.

И во оваа книга се зборува за крадењето на гласови преку т.н. фантомски гласачи, кои не постојат. Се вели дека во 1979 година, во париските предградија, се појавиле фиктивни избирачи, за кои не се знае дали биле мртви души или живи луѓе. Книгата зборува и за злоупотребата на лажното пријавување на престој, за лажни потстанари, за избирачи со променети адреси и слично.

Со еден збор, нема потреба да се измислува топла вода – се е запишано во книгите. Треба само да се чита и да се учи.

И Хрватите и Црногорците со исти маки
НЕ Е САМО МАКЕДОНСКИОТ ИЗБИРАЧКИ СПИСОК ПРЕДИМЕНЗИОНИРАН

Како може држава со 2 милиони жители , како Македонија, да има речиси од 1,8 милиони избирачи? Често си го поставуваме ова прашање, но забораваме дека овој проблем на е само македонски.

Во Хрватска, во пресрет на претстојните претседателски избори, се тврди дека претседателот ќе го избираат и околу 600.000 непостоечки избирачи. Во таа земја, во која владее „бела чума” (негативен прираст на населението), бројот на избирачи, за чудо, постојано расте.

Во Црна Гора, пак, според пописот, од март имало 474.655 полнолетни граѓани, а на избирачкиот список имало дури 506.212 граѓани со право на глас. Најмногу од тие 31.577 „вишок” гласови се запишани во албанските средини – Рожаје, Плав, Улцин и Бијело Поље.

Поврзани новости