Уредничката на „Вечер“ Ивона Талевска ги тужи новинарите и редакциите кои пренесуваа за аферата „Висарис“ што ја обелодени СДСМ, а се однесуваше тендер од 1 милион евра за набавка на медицинска опрема што го доби мајката на Талевска, Лимба.
Засега, тужби се пристигнати до редакциите на „Слободен печат“ и на „Фокус“. Редакцијата на „Слободен печат“, поточно главниот и одговорен уредник Бранко Героски, новинарката Мими Шушлеска и издавачот добија тужба од Ивона Талевска со која таа бара вкупна отштета од 17.000 евра. Истата сума Талевска ја бара и од „Фокус“.
„Станува збор за тужба која се однесува на извештаи од прес-конференциите на СДСМ. Во нашата одбрана, на тужителот и на Судот им укажавме дека согласно со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, новинарите се ослободени од одговорност ако известуваат од јавни настани. Во нашиот случај, сите објавени написи се засновани на искази дадени на официјални прес-конференции. Во текстовите тоа е наведено јасно и недвосмислено. Поради тоа, не постои никаква основа за одговорност на новинарот и на редакцијата“, вели Бранко Героски, уредник на „Слободен печат“.
Неофицијално, најавени се повеќе тужби против медиумите од лицата и правните субјекти кои беа спомнувани на прес-конференциите на СДСМ. Тужбите веќе се во рацете на судиите на редакциите, а ќе им бидат доставени на редакциите пред почетокот на летните одмори.
Ивона Талевска бара отштета од 10.ооо евра од „Фокус“, 5.000 евра од главниот уредник Јадранка Костова и 2.000 евра од новинарката Мери Јордановска. Адвокат на Талевска е Антонио Апостолски.