Ивона Кафеџиска: Се надевам дека еден ден ќе се вратам во ЦЕРН

by fokus

Сонувам еден ден да им помагам на луѓето со моето знаење, па така сметам дека ако заминам во област каде треба да работам од нула на креирање на цел проект за инсталација на енергетски системим од обновливи извори ќе им помогнам не само на тие луѓе, ами делумно и на светот, вели Ивона Кафеџиска, млада и успешна физичарка од Македонија во интервју за порталот енаука. 

Средното образование го стекнала во земјава, за веднаш потоа да продолжи со студии по Физика на Универзитетот “Jacobs”, во Бремен, Германија. Следна диплома стекнува како магистер во полето на менаџмент на обновлива енергија, на Универзитетот “Albert Ludwig”, во Фрајбург и паралелно со тоа, започнува дополнителни постдипломски студии по Физика, на истиот универзитет.

Нејзиното име стои и зад повеќе публикации и научни трудови.

Е: Физиката како животен избор – за македонски услови, не многу практично решение?

Ивона: За мене немаше многу простор за избор. Јас знаев дека сум физичар уште од првиот час по физика. Ме интересираат премногу работи, имам многу хобија, но физиката беше како љубов на прв поглед. Со нејзина помош за прв пат успеав да најдам одговори на некои прашања кои тлееле во мене уште од дете и се надевам дека така ќе ме наградува уште многу години.

Кога се работи за Македонија и физиката, уште кога заминував на студии во Германија, луѓето ми упатуваа прашања од типот „леле што ќе правиш со физика, само наставничка или професорка можеш да бидеш!?“. Главниот проблем со физиката во Македонија тргнува точно од ова гледиште и од фактот што многу често физиката на децата им се предава сувопарно, како збир од „досадни“ и понекогаш комплексни равенки. Не им се објаснува како законите на физиката се насекаде околу нас, како (речиси) сѐ што користиме од технологија, како сѐ што допираме и гледаме – е физика. Па така, ако физиката е насекаде тогаш и еден физичар може да работи секаде.

И навистина, не претерувам кога го велам ова. За време на моите студии по физика не ме тераа да учам равенки на памет (всушност и на секој испит ми беше дозволено да носам лист со равенки со мене), ами да разберам што всушност се случува во еден физички систем. Со тоа стекнав образование кое ме научи брзо да процесирам информации, да ги гледам од друг агол; да пресметувам веројатности за можна добивка ил загуба, да ги согледам сите можни параметри во еден пробем. Дополнително, за да дипломирам морав да имам и часови по програмирање и математика, со што ме истренираа да гледам на овие науки како делчиња од една целина. Во тој поглед јас како физичар се чувствувам привилегирана: моите колеги програмери или математичари никогаш не мораа да слушаат курсеви по физика, освен ако тие самите не ги избереа. Па така, јас како физичар поседувам такво критичко и аналитичко размислување кое можам, малку нескромно да речам, не се стекнува во сите студии.

Токму ова е најсилниот адут за нас, физичарите и затоа многу од моите колеги се вработијаа како советници во врвни компании, менаџери, програмери, па дури и на берза или во банка. Излишно е да се спомене дека индустријата е преплавена со физичари, бидејќи сѐ што се случува во еден индустриски процес се објаснува со законите на физиката. Затоа, сметам дека е жално што во Македонија луѓето не се свесни за можностите кои ги нуди физиката. Секако, доколку некој сака академска или истражувачка кариера е повеќе од возможно, но во никој случај тоа не е целата слика, како што ни Њутновите закони кои сме ги учеле во основно училиште не се целата физика.

Е: Имаш посетено и работено во реномирани институции од научната област. Можеш ли да ни пренесеш кои ти беа највпечатливи и највозбудливи искуства?

Ивона: Ова за мене е тешко прашање, па би издвоила неколку:

Во 2015та година работев во Хелмхолтц институтот во Берлин на проект за подобрување на контактите во соларни ќелии. Оваа тримесечна пракса за мене беше и првата можност да дојдам во контакт со материјалите од кои се изработуваат соларни ќелии, коишто подоцна ја претвораат сончевата светлина во струја, а со тоа и да работам на проект кој беше посветен на подобрување на нивната ефикасност. Во оваа доба кога светот е на праг на транзиција од фосилни горива и става посебен акцент на намалување на CO2-емисиите и глобалносто затоплување, овој проект направи да се чувствувам по малку ко супер херој. Набргу запознав многу луѓе и си го раширив светогледот. Почнав да соработувам со една физичарка која беше задолжена за пишување на научно-популарен блог на Хелмхотц институтот и ми даде можност да пишувуам за нив.

Берлин за мене беше отскочна даска, затоа што веднаш штом се вратив во Фрајбург најдов магистерска теза во друг институт, исто така во сферата на соларните ќелии. Ова е „Фраунхофер Институтот за Соларни Енергетски Системи“ којшто е во топ три институти во светот во оваа сфера и втор во светот со креирање на високо ефикасна соларна ќелија. Не би сакала многу да зборувам за што беше проектот, но и ова искуство беше од капитална важност за мене.

Кога се во прашање студиите по теоретска физика, тие ме однесоа во институти за космологија (каде работев на истражување на темната енергија во Универзмот); една година подоцна во ZARM (Центар за Апликативна Вселенска Технологија и Микрогравитација) и најдраго и најважно за мене – во ЦЕРН. Иако во ЦЕРН бев само еден ден и се уште не сум имала можност да работам таму, ова за мене беше остварување на мојот животен сон!

ЦЕРН за мене е еден од најфасцинантните научни институти кој било кога постоел. Во ЦЕРН се откри Хигз Бозонот (со што сега еспериментално докажавме зошто сета материја во Универзумот има маса, па така и како всушност нашето постоење е возможно); во ЦЕРН е измислена и The World Wide Web – изум без кој не би имале вебсајтови; ЦЕРН има зачувано 130 Петабајти дата (еднакво на 700 години филмови во HD) за тајните на Универзумот и многу повеќе. Се надевам дека еден ден ќе имам можност да се вратам таму, макар повторно на еден ден.

Е: На кој научен проект или истражување би сакала да работиш, или поточно, сонуваш да бидеш дел од?

Ивона:  ЦЕРН, можеби на проекти кои се високо апстрактни и каде математиката станува прекомплексна. Гледам вистински предизвик во тоа да работам на проект кој трага по тајните на Универзумот, но истовремено е малку надвор од кутијата кога се во прашање конвенционалните физички теории.

Втората желба, но не помалку важна, ми е да работам во земја од третиот свет каде нема добро развиена енергетска мрежа. Сонувам еден ден да им помагам на луѓето со моето знаење, па така сметам дека ако заминам во област каде треба да работам од нула на креирање на цел проект за инсталација на енергетски системим од обновливи извори ќе им помогнам не само на тие луѓе, ами делумно и на светот. Ова звучи малку и како хуманитарна работа, но сметам дека не е помал предизвик од работа во ЦЕРН затоа што покрај тоа што бара користење на знаењето, бара и голема посветеност и брзо интегрирање во туѓата култура – нешто што не на сите им е едноставно.

Последната опција би била SpaceX. Елон Маск за мене е генијален ум на денешницата и да може да се работи на овој негов проект би било и предизвик и задоволство.

Е: А сега поконкретно – набргу завршуваш со овој циклус од студии, па дали планираш да останеш во академските установи или ќе започнеш со професионалниот развој?

Ивона:  Сега за сега, речиси сѐ е отворено за дискусија и размислување. Од циклусот студии по физика сум готова со сите предмети и ми останува да ја напишам само магистерската. Ова звучи лесно, но всушност таа трае цела година затоа што мора да биде детално и уникатно истражување. Во оваа година морам да си разјаснам многу лични прашања и да донесам некои одлуки, вклучително и дали би сакала да останам во водите на теоретската физика или дали сакам да се свртам повеќе кон применетата физика и енергетиката/обновливите енергии. Сум размислувала и за пауза, и за бараање работа и за докторски студии, но ако сега речам дека нешто е дефинитивно одлучено – би ве излажала.

Е: За крај, да го обликуваме твојот научно-популарен профил: Ајнштајн или Њутн?

Ивона: За еден физичар ова е претешко прашање. Да се бира меѓу овие два генијални умови е како да бирате меѓу чоколадна торта и топло-ладно (моите омилени десерти хаха). Њутн развил голем дел од калкулусот, ги поставил важните закони за гравитацијата на земјата итн., но Ајнштајн го однел сето ова чекор подалеку со неговата Општа Теорија на Релативитетот.

Њутновите закони не се повеќе валидни надвор од Земјата. За Ајнштајн е фасцинантно што многу од неговите теории се мисловни експерименти кои години подоцна се докажани со практчни експерименти. Сепак, да не била основата којашто ја поставил Њутн не знам колку ќе се развиел и Ајнштајн. Во областа на теоретската физика што мене ме интересира, теориите на Ајнштајн се повеќе користени, па така поради ова и можеби неговата шик фризура – за една нијанса ми е помил од Њутн.

Е: Карл Саган или Нил де Грас?

Ивона: Карл Саган. Нил де Грас е супер, но некогаш имам чувство дека повеќе се труди да биде смешен, отколку да биде физичар. Со ова не сакам да ги навредам неговите фанови, одлично е што многу ја популаризираше (астро)физиката, но сепак не е премногу мој тип на научник.

Е: “Ѕвездени патеки„ или “Војна на ѕвездите„?

Ивона: Чудно, ама вистинито: не сум ги гледала ни едните ни другите, па така не можам да избирам.

Е: За или против String theory (Теорија на струните – жиците) ?

Ивона: Сега за сега – за. Еден од најголемите проблеми на Стандардниот Модел на физиката којшто се обидува да ги објасни сите фундаментални честички (бозони и фермиони) и силите кои дејствуваат меѓу нив и во Универзумот е што не ја вклучува гравитацијата која очигледно е секаде околу нас. String Theory ги заменува елементарните честички со еден вид струни (strings) кои на растојанија поголеми од нините димензии изгледаат како обична честичка (на пример, електрон) и со воведување на екстра димензии невидливи за нашето око елегантно ја објаснува и гравитацијата.

Сепак, и оваа теорија има свои ограничувања и е многу тешка експериментано да се истражи и докаже, а се додека ова не се направи ќе биде контровернза и неприфатена од некои физичари. За сите заинтересирани за String Theory, го препорачувам Мичио Каку (Michio Kaku) и едно негово прекрасно видео The Universe in a nutshell кое на многу едноставен начин објаснува како се стигнува од Њутновите закони до String Theory. Сѐ е поврзано во физиката – тоа е најубавиот дел. 🙂

 

Поврзани новости