Теута Арифи ги осуди повиците за поделба и нетрпеливост

by fokus

Повиците за поделба и за нетрпеливост не треба да бидат дел од агендите на политичките партии. Иднината на сите граѓани, без разлика на вера и на нација, е ЕУ и заради тоа е важно да се најде решение за сите прашања, а повикувањето на нетолеранција не е добро за иднината на земјата, одговори потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, на новинарско прашање во врска со повиците на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за етничка нетрпеливост.

Арифи денеска во Тетово се сретна со евроамбасадорот Самуел Жбогар, во рамките на проектот „ЕУ за тебе“, јави Мета.

Во однос на тоа што тече крајниот рок за распишување на локалните избори, Арифи додаде дека сè зависи од политичките партии и од чекорите што тие ќе ги преземат.

– Но тие чекори, треба да бидат во линија со демократските и со европските вредности и да се одвиваат според Уставот и законите – додаде Арифи.

Прашан за актуелната политичка ситуација, евроамбасадорот Жбогар додаде дека пораката на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, е далеку поважна од тоа што тој ќе го каже.

– Ќе видиме кои се следните чекори, затоа што денеска Могерини има состанок со министрите за надворешни работи на ЕУ и ќе ги брифира овие претставници за средбата што ја имала во Скопје, така што ќе видиме какви пораки ќе произлезат од средбата. Исто така, и в четврток Могерини ќе има средба со премиерите на земјите членки на ЕУ и на таа средба ќе се разговара за состојбата, по што и оттаму ќе произлезат пораки – изјави Жбогар.

Прашан за локалните избори, додаде дека за тоа дали ќе се одложат, „треба да одговорат македонските политичари“.

На настанот денеска беше истакнато дека од фондовите на ЕУ ќе се издвојат средства за изградба на филтер-станица за отпадни води.

Поврзани новости