Ивановска за „Фокус“ открива како завршија главните предмети – се бараше одговорност за Беџети, Мерко, за кулите кај „Холидеј ин“ и за неуспешната конфискација на Кочан

by fokus

Државната комисија за спречување на корупцијата бараше кривична одговорност за градоначалниците, Блерим Беџети, Рамиз Мерко, кој се најде и на американската црна листа, ја истражуваше неуспешната конфискација на имотот на осудениот Сеад Кочан, а констираа нерегуларности за трите кули што слободно се градат во центарот на Скопје. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, чиј мандат истекува, во интервју за „Фокус“ зборува за главните предмети кои ги отворија антикорупционерите на чело со неа

 Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

 ФОКУС: Случајот „Труст“ предизвика јавно препукување и обвинувања меѓу ДКСК и Јавното обвинителство. ДКСК практично докажа дека при конфискацијата на имотот на фирмата на Сеад Кочан имало пропусти на обвинители, државни институции и фирми, со што државата е оштетена за над 12 милиони евра. Имате ли информации до каде е овој предмет во обвинителството?

ИВАНОВСКА: Не, немам информација до каде е овој предмет во обвинителството. Од она што непосредно произлезе од обезбедената документација, се утврди дека Сеад Кочан обезбедил да му се суди од слобода, врз основа на имот, кој во текот на постапката бил понуден како гаранција, иако во голем дел потекнувал од кривичното дело.

Станува збор за имот (недвижност во Општина Гази Баба) што имал различна проценета вредност, и тоа: помала утврдена во предлогот за замрзнување и поголема утврдена во барањето да се стави како гаранција во вид на компензација за осомничениот да не оди во притвор. Пазарната вредност, според која, имотот бил експресно префрлен од „Трансмет“ на ТВ Нова, била многу пониска.

ДКСК НЕ СЕ ОТКАЖУВА СЛУЧАЈОТ „ТРАНСМЕТ“

ФОКУС: Најголем дел од имотот на Кочан завршил кај „Пуцко петрол“, чиј сопственик е син на пратеник од ДУИ.

ИВАНОВСКА: Останува ОЈО ГОКК понатаму да го расчисти овој случај. Целта на ДКСК е да помогне во целосното расветлување на состојбите. Тоа што го утврди ДКСК, се потврди со пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, со која спогодбата помеѓу „Пуцко Петрол“ и „Трансмет“, се огласи за ништовна поради истите основи на кои се темелеше иницијативата поднесена од ДКСК  до ОЈО ГОКК, а тоа е дека спогодбата е склучена со цел „Пуцко Петрол“ намерно да го обезвредни и преземе конфискуваниот имот, правејќи ѝ штета на државата.

Оваа пресуда е потврдена и со пресудата на Апелациониот суд Скопје, а неодамна ја потврди и Врховниот суд на РСМ. Врз основа на овие пресуди, спогодбата е огласена за ништовна и е пристапено кон „враќање“ на конфискуваниот недвижен имот во сопственост на РСМ.

ФОКУС: Дали се истражува неуспешната конфискација?

ИВАНОВСКА: Движниот имот на „Трансмет“, според сознанијата на ДКСК, го користат други субјекти, со цел да остварат профит. Тој се обезвреднува поради што сметаме дека се прави штета на Буџетот на РСМ.

ДКСК има отворено дополнителен предмет за состојбите со неуспешната конфискација на движниот имот, за што обезбедена е целокупната документација, а во моментов се прави вкрстена анализа на истата. Се надевам дека до крајот на мандатот ќе донесеме соодветна антикорупциска одлука и по овој предмет.

ФОКУС: Како комуницирате по оваа кавга со Јавното обвинителство, кои рекоа дека нема да соработуваат веќе со ДКСК?

ИВАНОВСКА: Во континуитет го известуваме обвинителството за секој предмет, односно иницијатива што ја доставуваме до нив, но, за жал, од десет дописи, само во два случаи имаме повратен одговор, во смисла дека ќе обезбедат информации од надлежните обвинителства. Сите други се без одговор.

ФОКУС: Отворивте предмет за трите кули што слободно си се градат кај „Холидеј ин“, во строгиот центар на градот. Што утврдивте?

ИВАНОВСКА: Во овој предмет утврдивме дека целокупната постапка на носење на ДУП-от Ц08, со кој е опфатена парцелата кај „Холидеј ин“, не е во согласност со законските прописи и јавниот интерес, поради што донесен е незаконски ДУП, кој отстапува од ГУП и овозможува и ден денес некои лица да остваруваат права и материјална корист, што е недозволиво.

Во конкретниот случај постојат многу елементи што треба да бидат земени предвид, а тоа е одговорноста на планерите за законито и совесно планирање, која не смее да биде занемарена и несанкционирана, одговорноста на службените лица од општинските и градските власти, како и од Министерството за транспорт и врски, кои со цел да ги задоволат барањата и очекувањата на одредени структури, свесно ги занемаруваат законските одредби, при што со своите дејствија за реализација и донесување незаконски урбанистички планови придонесуваат за стекнување значителна корист за ограничена група на луѓе.

СО ГОДИНИ ВЕШТАЧЕЊЕ ЗА „ХОЛИДЕЈ ИН“

ФОКУС: Дали има одговор од Обвинителството по однос на Вашата претставка со која се бараше истрага за тоа како се носел овој урбанистички план? Кулите ќе се изградат додека Обвинителството отвори истрага.

ИВАНОВСКИ: По извршениот увид во работењето на јавниот обвинител, кај кој е распределен овој предмет, од страна на Советот на јавни обвинители по барање на ДКСК, имаме сознанија дека сѐ уште не е завршена постапката за градежно архитектонско-урбанистичко вештачење.

Имено, ОЈОГОКК до Бирото за судски вештачења, уште пред две години доставило наредба за градежно архитектонско-урбанистичко вештачење, а во септември и во декември 2022 година, доставило две ургенции, со кои се бара вештите лица веднаш да постапат по наредбата. Поради обемната документација, како и ограничените човечки ресурси од Бирото за судски вештачења, побарале дополнително време.

Во март 2023 година до ОЈОГОКК доставен е вешт наод, но по проучување на истиот, предметниот обвинител утврдил дека вештите лица не постапиле во целост, по што веднаш донел наредба за дополнување на вештачењето. Од страна на Бирото за судски вештачења сѐ уште не е изготвено бараното дополнување на вештачењето.

ФОКУС: Во 2019 година утврдивте дека платформите на Матка не може да бидат легализирани оти се објекти од привремен карактер, а, освен тоа, во поднесените барања за легализација, недостигале низа согласности од надлежни органи. Побаравте кривична одговорност и за градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети?

ИВАНОВСКА: ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, бидејќи тој со свесно и намерно непреземање конкретни дејства за отстранување на платформите што се користат како угостителски објекти и како објекти од каде што се управуваат моторни чамци за превоз на туристи по кањонот Матка до пештерата Врело, дозволил стопанисување со привремени објекти – платформи, кои се забранети со одлуката со која кањонот Матка е прогласен за заштитено подрачје – споменик на природата, и притоа овозможил создавање неред во заштитеното подрачје, загрозување на постојната флора и фауна и нарушување на неговата автентичност, како и стекнување материјална корист за лицата што стопанисуваат со платформите.

ФОКУС: Но, дивите платформи сѐ уште никој не ги допрел, си работат и си заработуваат.

ИВАНОВСКА: За жал, нашата иницијатива за кривична одговорност на градоначалникот на Општина Сарај беше отфрлена од обвинителството, бидејќи пријавените дела не биле кривични дела што се гонат по службена должност. Платформите сѐ уште работат и обезбедуваат материјална корист за поединци.

Отворивте и нови предмети за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, тој се најде и на американската црната листа, но и нему влакно не му фали.

ИВАНОВСКА: ДКСК констатираше дека градоначалникот свесно и намерно ја злоупотребил својата службена положба и овластување и со пречекорување на границите на јавното овластување презел дејствија спротивно на начелата на законитост и интегритет, на јавниот интерес и интересот на општината, при што нанел штета на Буџетот на Општина Струга и на Буџетот на државата и прибавил противправна корист за себе и за друг. Врз основа на констатираните наоди што беа поткрепени и со наодите од Конечниот извештај на ДЗР, ДКСК до ЈО на РСМ на 18.11.2019 година поднесе Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на службеното лице Рамиз Мерко.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости