Вера Иванова, сопственичката на “Диамед Македонија”, за НОВА потврди дека и се блокирани двете сметки- нејзината приватна во Тутунска банка и втората-странска, која се води на правно лице во Монако. Иванова тврди дека досега од ниту една институција не е известена зошто и се блокирани сметките, туку тоа го открила кога отишла да го плати данокот.
“Диамед Македонија” на почетокот на месецот беше продадена на шведската фирма “Дијаверум”, a целата работа „букна“ кога Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара запирање на финансиските трансакции на сметките во Монако.
Иванова тврди дека не може да каже која е висината на износот на сумата на сметките кои се блокирани, бидејќи како што рече, има Договор за тајност на податоци со компанијата која го купи Диамед Македонија, но најави дека за целата оваа ситуација наскоро во јавност ќе излезат со став од компанијата Дијаверум од Шведска. Иванова не негира дека значителен износ од парите се префрлени во Монако, на сметка на нејзината фирма и како што вели, тоа го направила затоа што планирала да инвестира надвор од државата.
„Мојот влог во фирмата која ја управував е 75 проценти и јас ги изнесов тие средства за да можам да инвестирам надвор од државата„ изјави за НОВА, Вера Иванова.