Тиранската платформа е директно мешање, но и загрозување на независноста на Република Макeдонија, вели претседателот Ѓорге Иванов, во интервју за австрискиот дневен весник „Винер Цајтунг“.
-Која европска држава би прифатила платформа на туѓа држава, да биде основа за создавање на влада кај неа. Ако се загрозува независноста на државата, и ако државата се доведува во подредна состојба и зависност од друга држава, тоа кај нас е казниво дело. Ние сме мултиетничка демократија, во која никој не е дискриминиран поради неговата припадност кон некој народ и никој не е исклучен. Во Владата има етнички Албанци како Министри за одбрана и како Министри за европски прашања. Ние сме држава на граѓаните на Македонија, вели Иванов.
Тој во интервјуто зборува и дека етничките Македонци се народ за себе, бидејќи овде си го оствариле правото на сопствена држава.
-Ако македонските Албанци сакаат да бидат конститутивен народ во Македонија, тогаш сакаат правото на сопствена држава да го реализираат и овде, без да ги земат предвид државните граници на Македонија. Ова го предвидува платформата од Тирана. Тогаш по Албанија и Косово, Македонија би била третата албанска држава. А дали е можна и федеративна Грција, бидејќи и таму живеат приличен број на Албанци?, прашува Иванов.