На Македонија и се оспорува правото на идентитет и просперитет, се пожалил претседателот Ѓорге Иванов во својот говор на петтиот Глобален Бакум форум во Баку, Азарбеџан.
– Македонија е случај на колапс на либералниот поредок по Втората светска војна. Македонија е единствена земја, што во ООН нема право на сопствен идентитет. И се оспорува правото на самоидентификација, основното право на секој поединец и на секоја држава во меѓународниот поредок. На Македонија и е скратено правото на просперитет. И се блокираат нејзините НАТО и евро интеграции. Тоа го покажува лицермерието на овој меѓународен поредок со двојните стандарди. Затоа на случајот Македонија колабира светскиот поредок и меѓународниот поредок- рекол Иванов.
Иванов се прашува дали оваа нестабилност е само епизода што ќе помине или „дефинирачки момент во историјата на светот”.
– Во услови на криза, има само две идеи кои можат да ги мобилизираат луѓето – надеж и страв. Денес, надежта е сè поретка. А колку помалку надеж, толку повеќе страв- рекол Иванов.
Говорејќи за Европа, претседателот посочил дека нејзината иднина треба да се гледа како период на трансформација и подготовка за предизвиците во третиот милениум.
– Денес, кога на европската политичка сцена повторно се јавува левиот и десниот популизам, ксенофобијата, исламофобијата, исклучивоста, границите, треба повторно да се понуди нова идеја. Ова е време за пресоздавање на Европа – метаморфоза на Европа- завршил Иванов.