Кавадарци згрозено поради црната кампања за пратеникот Китев: Ги погребаа двете ќерки, а сега гледаат некролози од нивниот син!

by fokus 11:52
11:52

Денеска Кавадарци осамна со ,,потерници’’ односно некролози од Бетиан Китев, пратеник од СДСМ. Целиот град е излепен со летоци со неговата фотографија, име и презиме, а начинот на кој што овие плакати се изработени оставаат впечаток дека се работи за некролози, кои што во Тиквешијата се лепат низ улиците кога некој ќе почине.

Свесните граѓани се во шок од постапката на несовесните лица кои што се дрзнале на ваков начин да го нападнат Бетиан, неговото семејство, и неговата партиска определеност. Револтот е уште поголем поради тоа што Бетиан доаѓа од угледно семејство, неговиот татко е познат лекар педијатар од Кавадарци, кој што целиот живот го помина помагајќи им на децата, а нивната семејна трагедија пред околу 34 години го потресе и зави целиот град во црно.

Имено, во 1983 година, родителите на Бетиан ги изгубија своите ќерки Елизабета (18) и Анета (16) во тешка сообраќајна несреќа. Две години подоцна, тие собраа сили да продолжат со животот, и на свет дојде Бетиан, кој што е крстен по неговите сестри, Бети и Ане.

Токму поради тој факт, кавадарчани не можат да се изначудат на дрскоста некој да лепи некролози на Китев, при тоа знаејќи каква може да биде реакцијата која што тие ќе ја предизвикаат кај неговите родители, семејство, пријатели…

,,Ова е голема нечовечност, згрозени сме од постапката на некои самонаречени патриоти! Зарем истите тие, заборавија низ што помина докторот Китев и неговата сопруга Илинка, кога градот беше излепен со некролозите на нивните две ќерки? Зарем тие луѓе ова го заслужуваат, да гледаат некролози и од нивниот син? Каде е човечноста?’’ – реагираат денес кавадарчани.

Бетиан вели дека не е изненаден од несовесната постапка на предводниците на црната кампања. И во 2013 година низ градот биле излепени негови некролози, на кои што тогаш пишувало дека тој навистина починал.

,,За време на локалните избори во 2013 година се случи истото што и денес. Како може свесен човек да реагира на нешто вакво? И моите родители ги видоа овие плакати, но тие се цивилизирани луѓе, ги замолив да не се потресуваат, иако сигурно претпоставувате како се чувствуваат. Имам информации дека ова е организирано од Скопје, ноќе се лепат плакатите, за наутро граѓаните да ги видат. Искрено, очекував нешто вакво, бидејќи започнаа и во други градови, со ликови на останати пратеници. Нема што да се коментира, самото дело кажува се’’ – ни изјави Китев во телефонски разговор.

Кавадарчани веќе упатија отворени писма до повеќе медиуми, во кои што ја искажуваат својата згрозеност од оваа нечовечка кампања.

,,Денеска низ градот забележав излепени некролози на жив човек. Само болен и многу злобен човек може да го направи тоа. Црната кампања на владеачката ВМРО-ДПМНЕ ги надмина сите морални граници. Веќе не бираат средства како да го оцрнат противникот.

Се обидов да прочитам што пишуваше. Бетиан Китев (пратеникот од СДСМ од Кавадарци) се бара за наводно предавство, и подоле напишано дека наводно го продал јазикот, знамето, химната, државата и незнам што ли не.

Јас навистина незнам дали некој веќе верува во сите тие ефтини лаги на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, но едно сигурно знам.

Со ова лепење на некролози на пратеникот Китев, кој нема ниту една црна дамка во кариерата, кој доаѓа од доста почитувано и чесно семејество и кој има доста добар углед во Кавадарци, и како личност и како политичар, ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци изгуби многу. И тоа ви го кажувам со сигурност’’ – пишува во отвореното писмо на кавадарчанец, адресирано до повеќе портали.

Вики Клинчарова

Поврзани новости