Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во интервју за најтиражниот германски весник „Билд“ жестоко ги нападна Европската унија и Германија поради бегалската криза, но и поради блокадата на македонските евроатлантски интеграции.
-Ова не е првпат Македонија да биде напуштена од ЕУ, веќе сме го преживеале тоа! Кога за време на косовската криза примивме 360 илјади бегалци, никој не ни помогна. Затоа сега реагиравме проактивно – нашата армија ја штити границата. Во овој случај, за бегалската криза веќе плаќаме за грешките на ЕУ, веќе потрошивме 25 милиони евра пари на нашите даночни обврзници, и прогласивме кризна состојба. А што добивме од Европа? Ништо! Ниту еден цент! А сега уште мораме како земја која не е членка на ЕУ, да ја штитиме Европа од членка на ЕУ, имено Грција, вели Иванов за „Билд“.
Ивановја обвини Германија дека при бегалската криза одбивала да разменува податоци со Македонија за џихадистите и рече дека доколку се потпиравме на Брисел, досега Европа ќе била полна со џихадисти.
-Да ние не сме ништо, не сме членка на ЕУ, ни во Шенген, ниту во НАТО. Никој не нѐ сака. И покрај тоа, ние ја штитиме Европа од една европска земја, која недоволно ги контролира бегалците, односно едноставно ги праќа понатаму. Безбедноста е целосно запоставена во безбедносната криза. Доколку се потпиравме на Брисел и не реагиравме самите, одамна ќе бевме преплавени со џихадисти, рекол Иванов.