Иванов: Треба некој да одговара, а одговорноста се знае чија е

by fokus

За ова треба некој да одговара, а одговорноста се знае чија е. Што побргу дојдеме до одговорност, толку полесно можеме да го продолжиме овој процес кој е многу чувствителен, многу комплексен и кој ја држи Македонија веќе 27 години заложена од ирационални барања на нејзиниот јужен сосед, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов на денешната заедничка прес конференција со претседателот на Чешката Република, Милош Земан.

Според Иванов Уставот и законите јасно кажуваат што е успешен, а што неуспешен референдум и тоа, вели тој, не може слободно да се интерпретира.

-Која и да е друга интерпретација не може да ги промени бројките кои се фиксни и се знаат. Затоа јас повикав на одговорност. На сите што ја посетија Македонија, а имавме многу странски претставници кои во изминатиов период ја посетија Македонија, им укажував дека до ова ќе дојде. Затоа што не може Европската Унија и НАТО да биде алиби за лош и штетен договор. Не можете да прифаќате договор во кој постои одредба дека ќе се оди на референдум, а вие да не обезбедите национален консензус во државата. Не можете да прифатите промена на Уставот, без да обезбедите дво-третинско мнозинство во Парламентот – изјави тој.

Според претседателот на Чешка изленоста на референдумот може да значи три работи.

-Ако е многу ниска излезноста на референдумот тоа може да значи три работи: бојкот, незаинтересираност или лошо поставено прашање. Кое од овие три работи важи за Македонија тоа треба самите да си одговорат, порача – Земан.

Во однос на членството во НАТО и ЕУ, Иванов истакна дека Македонија е жртва на двојни стандарди и дека Договорот со Грција не содржи гаранции дека истиот ќе се почитува од грчка страна и воедно потсети дека Грција не ја испочитува ниту Времената спогодба, ниту пак пресудата од Хаг.

– Во договорот нема гаранции. Тој договор е правен лично од премиерот, без да знае претседателот на државата. Ние како државен врв во Македонија сме изградиле национален консензус во изминатите години. Тоа било став и на претходните претседатели и во Собранието е донесена декларација во 2008-та. Ние прифаќаме решение, но никојпат не сме прифатиле промена на Уставот на Република Македонија за промена на уставното име – изјави Иванов на новинарско прашање.

Запрашан за коментар за Договорот со Грција, Земан изјави дека не сака да се меша во внатрешните работи на Македонија, но ги повика двете страни да продолжат со преговорите. – Тоа може да трае долго, но се надеваме дека овој спор ќе успеете да го решите, изјави Земан на прес конференцијата.

Двајцата претседатели разговарале и за можностите за продлабочување на соработката во сферата на безбедноста, при што Иванов се заблагодари за поддршката и помошта од Чешка за време на мигрантската и бегалската криза.

Поврзани новости