Република Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и правото на самоопределување, рече македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на денешното предавање на Универзитетот во Вроцлав, во рамки на работната посета на Република Полска, соопшти неговиот кабинет.
-Грција со Спогодбата од Преспа ни наметнува ново име и бара истото да се применува erga omnes – и за меѓународна и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот. Преку оваа спогодба, Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам, рече претседателот Иванов.
Со Спогодбата, како што наведе, „ќе се преименуваат институциите, ќе се цензурира содржината на учебниците на нашите деца, ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет“.
-Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Она што грчката држава им правела на Македонците во Грција, сега, со Преспанската спогодба сака да им го направи и на Македонците во Република Македонија, рече претседателот Иванов.