АРХИВА Црквата стана сопственик на планинарскиот дом на Матка со помош на стара катастарска грешка!

by Фокус

Текстот е објавен на 26.01.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1164

Атрактивното земјиште во строгиот центар на Скопје спроти хотелот Холидеј Ин, каде долги години функционираше јавен паркинг, деновиве беше продадено на приватен инвеститор, кој стана сопственик на парцелата во партнерство со Македонската Православна Црква. Но, ова не е прв пат МПЦ-ОА да се споменува во контекст на имотот што го поседува и зголемува. На почетокот на годинава, Фокус пишуваше за спорот меѓу Црквата и Федерацијата на планинарски спортови за планинарскиот дом на Матка, во кој долги години инвестираа планинарскиот сојуз и приватниот закупец, но на крајот заврши во сопственост на Црквата врз основа на стара катастарска грешка, што институциите ја признаваат, но никој не сака да ја поправи.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

На брегот на езерото Матка се наоѓа црквата „Свети Андреја“, изградена уште во 13 век. Веднаш до него се наоѓа објект што денес има функција на хотел-ресторан, со кој стопанисува приватна компанија врз основа на договор со планинарскиот сојуз. Овој објект е изграден во триесеттите години на минатиот век за потребите на работниците што ја граделе хидроцентралата Матка, меѓутоа набргу потоа му е доделен на тогашниот планинарски сојуз, кој со него управува повеќе од половина век.

Арно ама, пред неколку години, целокупниот движен и недвижен имот на овој простор го побара Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која смета дека станува збор за стар црковен имот. Од друга страна, пак, планинарскиот сојуз тврди дека планинарскиот дом никогаш не бил манастирски конак, туку со години им припаѓа на планираните, кои во него инвестирале сопствени средства. По низа перипетии, моментално има чудна ситуација – Црквата е сопственик на дворот и приземјето на објектот, а планинарската организација на катот, поткровјето и на придружните објекти?!

Фокус“ располага со обемна документација за овој имот, што покажува дека во суштината на спорот лежи стара, намерна или ненамерна, катастарска грешка, која надлежните институции ја нотираат, но никој не сака да ја исправи.

ОБЈЕКТ ЗА РАБОТНИЦИТЕ ВО ХИДРОЦЕНТРАЛАТА

По изградбата на хидроцентралата на реката Треска во периодот од 1935 до 1938 година, во 1939 година бил изграден и објектот што е во основа на денешниот планинарско-туристички дом. Впрочем, овој објект е составен дел и од проектот за изградба на хидроцентралата, во кој се наведува дека објектот првично бил изграден за престој на работниците што работеле во хидроцентралата. Меѓутоа, набргу потоа инвеститорот го менува мислењето и за потребите на работниците гради две жолти згради кај паркингот, од кои едната сѐ уште постои, додека другата неодамна е урната.

Поради тоа што на хидроцентралата не ѝ е потребен, во 1940 година објектот го добива Планинарскиот сојуз на Македонија, кој го користи до периодот пред да избие Втората светска војна во 1941 година. По завршувањето на војната, објектот е под надлежност на тогашната општина Сарај, која одлучува објектот да се користи за згрижување на децата-бегалци од Егејска Македонија во периодот од 1947 до 1949 година. По завршувањето на граѓанската војна во Грција, домот повторно се враќа под јурисдикција на општината.

Откако општината увидува дека одржувањето на објектот е скапо, бара начин како да се ослободи од објектот, а со тоа и од трошоците. Во такви околности, Планинарскиот сојуз во 1955 година дава предлог до Советот за стопанство во општината, со кој го бара објектот за сопствена употреба, напоменувајќи дека домот го користел за таа намена и во периодот 1940-1941 година. Набргу потоа, Народниот одбор на Скопската околија со решение и го враќа објектот на планинарската организација, под услов да ги прифати сите долгови на ресторанот.

На тој начин, планинарскиот сојуз уште во старт се појавил како инвеститор, со тоа што ги презел сите направените обврски на дотогашниот субјект кој стопанисувал и управувал со објектот. Згора на тоа, планираните во понатамошниот период во неколку наврати инвестирале дополнителни средства од сопствената каса за изградба и одржување на планинарскиот дом. Конкретно, Планинарскиот сојуз во 1956 и во 1957 склучува неколку договори за доградба, варосување и молерај и изградба на насип.

ДОГОВОРИ ЗА КОРИСТЕЊЕ, АДАПТАЦИЈА И ПОДЗАКУП

Како организација, Планинарскиот сојуз управува со планинарскиот дом на Матка се во 1987 година, кога Претседателството на организацијата носи одлука да го предаде управувањето на Планинарскиот дом Матка на Спелеолошкото друштво ПЕОНИ од Ѓорче Петров, кое функционира како дел од структурата на сојузот. Истата година двете страни потпишуваат договор, во кој јасно стои дека Планинарскиот сојуз е сопственик на планинарскиот дом по основ на градба и дека објектот влегува во основните средства на сојузот.

По осамостојувањето на Македонија, Планинарскиот сојуз склучил договор за користење и на планинарскиот дом на Матка и со институциите на новата држава. Врз база на одлука за давање привремено користење недвижности во општествена сопственост, донесена од владата на Бранко Црвенковски во 1994 година, Министерството за финансии и Планинарскиот сојуз во следната 1995 година склучиле договор за користење на триесетина планинарски домови на неопределено време без никаков надоместок, вклучително и Планинарскиот дом на Матка. Според договорот, Планинарскиот сојуз се обврзува „да ги користи и одржува планинарските домови како добар стопанственик и во функција на планинарството и планинарскиот туризам“.

Во својство на управител на планинарскиот дом, ПЕОНИ во 1998 година добива одобрение за адаптација на објектот од страна на подрачната единица на тогашното Министерство за урбанизам и градежништво, во кое се наведува дека ПЕОНИ приложил доказ за сопственоста, архитектонски проект, како и одобрение за градење издадено две години претходно (1996 година). Исто така, спелеолошкото друштво ги доставило сите потребни елаборати потребни за утврдување на дејноста на планинарскиот дом – за санитарни услови, за електрика, за комунална инфраструктура, за статика… Проектантското претпријатие Е-МИ ИНЖЕНЕРИНГ, пак, изготвило и скици за објектот, при што министерство за урбанизам и градежништво ја заверило скицата за приземјето, кое подоцна ќе биде предмет на спор меѓу планинарите и Црквата.

Така, ПЕОНИ стопанисува со објектот сѐ до 2008 година, кога како закупец на планинарскиот дом склучува договор за подзакуп со Хотел-ресторан Матка заради стопанисување, одржување, обнова и реконструкција на планинарскиот дом во наредните 7 години. Меѓутоа, овој субјект како трговец-поединец згаснува на крајот на 2014 година, кога поради деловни причини се трансформира во друштво со ограничена одговорност на едно лице со назив РУСС ГРОУП ЛТД ДООЕЛ. Оваа компанија за угостителство и услуги склучува нов договор со ПЕОНИ под исти услови, во времетраење за уште 7 години, или заклучно со 2021 година.

ПРОЦЕС НА ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА

Речиси истовремено кога планинарскиот сојуз, односно спелеолошкото друштво склучува договор со РУСС ГРОУП за стопанисување со планинарскиот дом Матка, Македонската православна црква се обидува да стекне сопственост врз црквата „Св. Андреја“, но и врз планинарскиот дом, без оглед што тој никогаш немал црковна намена, туку прво бил изграден за работниците на хидроцентралата, а потоа станал планинарски дом. Згора на тоа, Планинарскиот сојуз со сите надлежни институции во поранешната и сегашната држава склучил валидни договори за употреба, развивајќи ги сите функции поврзани со планинарството.

Нејсе, Црквата на истекот на 2017 година поднесува барање за денационализација на целиот движен и недвижен имот на манастирот „Св. Андреја“ до Комисијата за одлучување за верските заедници во Министерството за финансии. Во прилог на барањето, Црквата поднела тапија од 1931 година од скопскиот правосуден суд за парцели со број 364/1, 364/2 и 346/3, книга за црковниот споменици во клисурата на реката Треска од 1940 година, како и поседовен лист број 70 од Геодетскиот завод издаден во 2007 година. Во рамки на овој предмет, Комисијата објавила известување во 2009 година, во кое укажува дека излегле на лице место и извршиле снимање со помош на покажување од лице именувано од Црквата како подносител на барањето, без воопшто да бидат повикани лица од планинарската организација како долгогодишен корисник.

По укажувањата на црковното лице, Комисијата утврдила дека парцелите од тапијата на Црквата всушност се денешните парцели 1070/1, 1070/2 и 1070/3. Односно, катастарската парцела 1070/1, која се наоѓа над планинарскиот дом и црквата, претставува земјиште евидентирано во имотен лист 78 како шума со површина од 106.860 квадратни метри на РМ – Шумско стопанство Караџица. Потоа, КП 1070/2 денес претставува изградено земјиште со објект од 170 и двор од 865 квадратни метри, евидентирано под ИЛ број 70 како Вакавски имот-Манастир Св. Андреја. И, КП 1070/3 претставува земјиште под зграда од 70 квадратни метри, евидентирано во ИЛ број 76 на РМ – Планинарски дом Матка.

Инаку, Комисијата го дополнува ова известување во 2011 година, кога во врска со трите парцели од тапијата што ја приложува Црквата (364/1, 364/2 и 346/3) објаснува дека на катастарските планови постојат катастарски парцели 1070/1, 1070/2 и 1070/3, додека во катастарскиот операт запишани се 1070, 1070/1 и 1070/2. Според Комисијата, КП 1070/3 од планот и КП 1070 од оператот се една иста парцела со запишана површина од 70 квадратни метри, колку што има црквата „Св. Андреја“. Грешката, според Комисијата, е настаната при внесување во базата на податоци од премерот во 1961 година за катастарска општина Матка, каде што на 1070 е испуштено да се запише под бројот 3.

СОПСТВЕНОСТ ВРЗ БАЗА НА КАТАСТАРСКА ЕВИДЕНЦИЈА

Меѓутоа, ова не е единствената или целосната грешка кога се прави премерот во далечната 1961 година. Имено, тогаш планинарскиот дом Матка и црквата „Св. Андреја“ се правилно и соодветно топографски обележани, но во пописните листови издадени во 1964 година, двете парцели се заменети. Поточно, во рамки на парцелата 1070/2, каде што всушност се наоѓа Планинарскиот дом, е евидентирано дворно место и верски објект на Ваковски имот – Манастир „Св. Андреја“, додека како корисник на парцелата 1070/3, каде што всушност се наоѓа црквата „Св. Андреја“, евидентиран е објект на Планинарскиот дом Матка. Оваа грешка од пописните листови се провлекува и во поседовните листови.

Откако Црквата го бара имотот на сите три парцели, Комисијата за денационализација во 2011 година носи решение со кое делумно го уважува барањето на Скопската епархија при МПЦ. Комисијата и ги враќа на Црквата шумата на парцелата 1070/1 (364/3 од тапијата) и црквата на парцелата 1070/3 (364/1 од тапијата), со образложение дека и бил одземен без правен основ. На тој начин, фактички се брише Планинарскиот дом врз Црквата од катастарската евиденција, воспоставена по катастарската грешка во 1961, односно 1964 година, кога е запишан како корисник на „Св. Андреја“ наместо на планинарскиот дом.

Но, Комисијата одлучува да не ѝ го додели на Црквата планинарскиот дом и дворот на 1070/2 (364/2 од тапијата), но од сосема друга причина. Во самото решение, Комисијата истакнува дека се утврдило оти посочениот објект е поранешен манастирски конак, иако самата констатира дека тапијата што ја приложила црквата се однесувала само за црквата и за недвижен имот, но не и на објект што има функција на конак. Сепак, Комисијата не донела одлука да и го врати и овој имот на Црквата по пат на денационализација, од проста причина што овој имот никогаш не бил национализиран од страна на државата, за сега да и биде вратен на Црквата, туку Црквата цело време има запишани права врз тој имот.

Арно ама, се испоставува дека Комисијата и немала потреба да ѝ го доделува планинарскиот дом на МПЦ, која веќе го презела овој имот во друга постапка. Врз основа на постојната катастарска евиденција, според која планинарскиот дом и дворот се евидентирани на „Св. Андреја“ и геодетски елаборат изработен од геодетското друштво Гео Монд ДООЕЛ во 2009 година со податоци за објектот, Катастарот во 2010 година ја запишал Црквата како сопственик на КП 1070/2 каде се наоѓа планинарскиот дом, односно врз двор од 837, земјиште под зграда од 198 и објект со приземје од 142 квадратни метри. Но, Црквата не стекнала сопственост врз катот и поткровјето на објектот, бидејќи, од разбирливи причини, не поседувала градежно-техничка документација.

ИНСТИТУЦИИТЕ ЈА ПРИЗНАВААТ, НО НЕ ЈА ПОПРАВААТ ГРЕШКАТА

Затоа, Федерацијата на планинарски спортови реагирала до надлежните институции, со цел да се исправи грешката од 1961, која е основ за други грешки при запишување на сопственост на имотот. Прва адреса на која се обратила била токму Комисијата за денационализација, од каде во 2012 година ја известуваат Федерацијата дека предмет на денационализација бил верски објект – црква на 1070/3, додека документите што ги приложуваат планинарите се однесуваат на користење на ресторанот во Матка. Со тоа, Комисијата практично признава дека на парцелата 1070/2 имало нема црква или конак, туку ресторан.

Исто така, Федерацијата во неколку наврати се обраќала и до Катастарот на недвижности со барање да се изврши контрола врз начинот на кој планинарскиот дом и дворот биле запишани во сопственост на МПЦ во 2010 година. Во однос на тоа, планинарското здружение добило известување од Катастарот во 2012 година дека најверојатно е сторен пропуст кај спорниот објект со премерот во далечната 1961 година. Но, од таму се оградуваат од секаква одговорност, бидејќи, како што порачуваат до подносителот на претставката, поголем број од службените лица не ни биле родени за време на споменатиот премер пред педесетина години.

Со оглед на огромниот временски период што изминал од премерот во 1961 година до денес и поради фактот што веќе се вршени измени и се спроведувани постапки за денационализација од Министерството за финансии, не постои можност за вршење на било какви исправки во катастарскиот план и катастарскиот операт од 1961 година, иако постојат индиции дека е сторен пропуст заради тоа што спорот мора да се решава во соодветна судска постапка“, стои во известувањето на Катастарот до планинарската федерација во 2012 година.

Освен тоа, Планинарската федерација добила уште едно известување од Катастарот на недвижности минатата 2017 година, во кое ја потврдува грешката: „Со увидот во архивскиот материјал од катастарскиот план за катастарска општина Матка констатирано е дека објектот на КП 1070/2 има топографски знак – планинарски дом, а објектот на КП 1070/2 има топографски знак за црква. Меѓутоа, во катастарскиот операт од 1961 година, КП 1070/2 како верски објект од 170 и двор од 865 квадратни метри е евидентирана во пописен лист 70 на Ваковски имот Св. Андреја, додека КП 1070/3 (во оператот е запишана како 1070) е евидентирана во пописен лист 76 на Планинарски имот, а во 1991 година на РМ-корисник Планинарски дом…“.

СУДСКИ ПРОЦЕСИ

Во меѓувреме, Федерацијата на планинарски спортови во 2012 година поднела тужба во Управниот суд за промена на сопственоста врз имотот на Матка поради несоодветност на податоците и погрешно утврдена фактичка состојба. Сепак, судот во 2014 година ја отфрлил оваа тужба како неоснована, со образложение катастарот не го прекршил законот кога Црквата ја впишал како сопственик на планинарскиот дом, независно што самиот катастар признава дека своевремено е направена грешка. Федерацијата се жалела и на Вишиот управен суд, но во 2015 година одлучил да ја потврди пресудата на првостепениот суд.

На почетокот на 2013 година, пак, планинарската федерација доставила тужба и до Основниот суд – Скопје 2 за бришење на правата што Црквата ги добила за планинарскиот дом. Првично, во тужбата на страна на федерацијата се приклучил и Државниот правобранител, кој на првото судење побарал времена мерка за Црквата да не може да го отуѓува имотот. Судот ја одобрува времената мерка, но државниот правобранител под чудни околности се откажува на второто судење без никакво образложение, кога бара и повлекување на времената мерка за непарично побарување. На крајот, и граѓанскиот суд во 2016 ја одбил тужбата поради недостиг од правен интерес.

Од друга страна, МПЦ-ОА во 2013 година поднесува тужба против планинарската федерација, спелеолошкото друштво и приватниот стопанственик за да се отселат од планинарскиот дом. Неколку години подоцна, во 2017 година, граѓанскиот суд ги задолжува тужените да го предадат дворот и приземјето од планинарскиот дом во владение на МПЦ-ОА. Арно ама, вештачењето на терен за потребите на судот констатирало дека објектот има внатрешна површина од 221 квадратни метри, додека Црквата, согласно имотниот лист, поседува 142 квадратни метри, или 79 помалку?!

Сепак, врз основа на оваа судска пресуда, која станува правосилна со одлука и на повисокиот Апелациски суд, извршител доставил налог за извршување, според кој на планинарската федерација, ПЕОНИ и РУСС ГРОУП им се наложува да го испразнат и да го предадат приземјето на МПЦ-ОА. Но, тие не успеале да го спречат, туку само привремено да го стопираат налогот, пролонгирајќи го до крајот на следниот месец, бидејќи претседателот на граѓанскиот суд, Илир Сулејмани, оценил дека при реализација на налогот на должникот би му се нанела штета од 40 милиони денари, колку е проценет имотот што е предмет на извршување.

РЕЗИМЕ НА ПРОБЛЕМОТ

Очигледно е дека зачетокот на проблемот е во премерот во 1961 година, кога топографското означување на Планинарскиот дом Матка и црквата „Св. Андреја“ се спротивни од податоците од пописните листови. Ваквата состојба се провлекува се до 2010-2011 година, кога МПЦ-ОА станува сопственик на „Св. Андреја“ и околната шума со решение за денационализација, но стекнува сопственичко право и врз планинарскиот дом, токму врз основа на евиденцијата на спорниот премер пред педесетина години.

Да биде ситуацијата уште покомплицирана, Федерацијата на планинарски спортови кон крајот на минатата 2017 година го легализирала катот и поткровјето на планинарскиот дом со површина од 141, односно 101 квадратен метар, кои се во нивна сопственост врз основа на одлука на Општина Сарај за легализација на бесправно изградени објекти. Покрај тоа, федерацијата извадила имотен лист и за придружни објекти за кои поседува градежно-техничка документација, како пречистителната станица, терасата која претставува платформа над вода итн.

Додека Црквата чека да се изврши налогот за предавање на дворот и приземјето од катот на планинарскиот дом и бара начин како да ја оспори легализацијата на катот и поткровјето, планинарската федерација поднесе пријава до јавното обвинителство и финансиската полиција и подготвува нова судска постапка за утврдување на право на сопственост.


Јовица Угриновски, претседател на Федерација на планинарски спортови
ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ НИКОГАШ НЕ БИЛ МАНАСТИР ИЛИ ЦРКВА

Федерацијата на планинарски спортови се соочува со ситуација на отуѓување и со обид на крадење на речиси сите наши планинарски домови, вели претседателот на планинарската федерација, проф. д-р Јовица Угриновски.

Планинарските домови со кои располага Федерацијата се главно изградени од 1948 до 1953 година, 8 години по ослободувањето, кога се му доделени на тогашниот Планинарски сојуз, со цел да стопанисува со нив во рамки на своите потреби. Тие домови до ден денешен се управувани, градени, доградувани, реконструирани од средства на планинарскиот сојуз, односно сегашната федерација. За овие 80 години, ниеден субјект не се јавил да стави една цигла или да помогне – објаснува тој.

Угриновски посочува дека Владата под раководство на поранешниот премиер Никола Груевски во 2013 година носи одлука, потпишана од вицепремиерот Зоран Ставрески, со која сите планинарски домови декларативно се во сопственост на РМ. Притоа, додава тој, владата воопшто не водела сметка за тоа што Федерацијата поседува документација дека голем дел од домовите се изградени со средства од тогашниот планинарски сојуз.

За поголем дел од планинарските домови не постои катастарска евиденција, тие се градени во планини, вон урбани средини. Но, за некои домови имаме договор за изградба, одржување или дека ни се доделени од народен одбор и општина од тоа време итн. Сепак, тие одеднаш стануваат државна сопственост без да се праша тој што раководел и стопанисувал со тие домови врз основа на што полага право на сопственост. Увидувајќи го тоа, неколкупати писмено реагиравме до владата, меѓутоа за 6-7 години немаме добиено буквално никаков одговор – истакнува Угриновски.

Првиот човек на планинарската федерација вели дека планинарскиот дом на Матка не е во листата на објекти што владата на Груевски ги прогласила за државни, бидејќи уште пред оваа одлука почна операцијата на МПЦ-ОА за „преземање“ на објектот. Според него, овој планинарски дом никогаш не бил манастир или црква Матка, туку прво бил изграден за потребите на работниците што ја граделе хидроцентралата, а потоа долги години се користи за потребите на планинарите.

Ниедна институција не го поставува главното прашање – врз основа на што црквата полага право на сопственост врз планинарскиот дом? Такво право се добива со купување, подарок, правење, наследство или со затекнување и долгогодишна употреба. Никој црквата не ја прашал врз основа на што полага право – изградила, купила, одржувала, добила во наследство. Една цигла нема фрлено, еден монах се нема појавено таму – вели тој.

Угриновски порачува дека доколку почне да се реализира за нивно иселување од планинарскиот дом во Матка, ќе го активираат членството и ќе се спротивстават на неговото извршување.


РУСС ГРОУП ЛТД, подзакупец на Планинарскиот дом Матка
ЦРКВАТА НИ СЕ ЗАКАНУВАШЕ ДЕКА АКО НЕ СКЛУЧИМЕ ДОГОВОР СО НИВ ЌЕ СТАНЕМЕ КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА!

Од компанијата што стопанисува со планинарскиот дом врз основа на договор со спелеолошкото друштво ПЕОНИ и во согласност од Федерацијата планинарски спортови – РУСС ГРОУП ЛТД, велат дека почнале да трпат разни притисоци откако приземјето на објектот преминало во сопственост на МПЦ-ОА.

По бесправното и нелегалното запишување на приземјето од Планинарскиот дом Матка од страна на МПЦ-ОА во Катастар во 2011 година, почнаа да ни прават тортура, да нѐ малтретираат и да ни се закануваат дека доколку не потпишеме, договор ќе станеме колатерална штета и дека сите инвестиции ќе ни пропаднат. Не потсетуваа дека Црквата како институција е повлијателна и од државните институции, сведочат од компанијата.

Од таму истакнуваат дека Црквата во 2012 година им правела притисок како правен субјект да потпишат договор за Планинарскиот дом Матка, меѓутоа тоа не го сториле откако, како што велат, адвокатите ги советувале дека имотот и приземјето на Планинарскиот дом Матка го стекнале на нелегален начин и дека правдата и вистината ќе излезат на виделина.

Сепак, во понатамошниот период се соочивме со зачестени инспекциски контроли на државните институции со цел да се казни или затвори Планинарскиот дом Матка. Колку за илустрација, на 31.08.2015 год во 08:00 часот, најверојатно по претходна договорена акција на околу 15 државни инспектори од сите министерства, сакаа беззаконски да го затворат Планинарскиот дом Матка, без притоа да дадат објаснување по кој член од законот тоа го прават“, велат од компанијата.

Од таму посочуваат дека Црквата имала обид да стане сопственик и на цел објект, иако тој никогаш не бил црковен објект и за него не поседува никаква градежно техничка документација, наспроти Федерацијата на планинарски спортови, која, според нив, поседува одобрение за градба за објектот од 1966 година.

МПЦ стана сопственик на приземјето врз основа на погрешна катастарска евиденција и геодетски елаборат изработен од ГЕО МОНД, која извршила само надворешно мерење на објектот, бидејќи да влегла внатре немало да измери 142 туку над 221 квадратни по доградбата на кујната, што е доказ дека елаборатот е незаконски. Покрај тоа, Црквата имаше обид преку геодетската компанија ГЕОВИС да изврши мерење на цел објект во 2012 година со цел да стекне сопственост и на катот и приземјето по пат на легализација, но не им дозволивме бидејќи немаа соодветен налог“, обвинуваат од компанијата.

Од таму велат дека, врз база на вештачењето на Бирото за судски вештачења при Министерството за правда, вложиле над половина милион евра во овој објект, изградиле и пречистителна станица со цел зачувување на животната средина, како и неколку придружни објекти.


Орце Малинов, ГЕО-МОНД
ГЕОДЕТСКИОТ ЕЛАБОРАТ НЕ Е ПРАВЕН ОСНОВ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ СОПСТВЕНОСТ

Сопственикот и директор на геодетската компанија ГЕО-МОНД, Орце Малинов, кој го изработил елаборатот потребен за упис на МПЦ-ОА како сопственик на приземјето на Планинарскиот дом Матка и дворот, вели дека изработил елаборат според сите потребни стандарди и параметри.

Како компанија ги извршивме сите потребни мерења и од надвор и внатре во објектот. Геодетскиот елаборат е неопходен услов, но не претставува правен основ за запишување на сопственичко право. Црквата имаше поседовен лист за земјиштето на тој дел и запиша сопственичко право на приземјето, кое беше изложено по катастарска евиденција, според која овој имот беше евидентиран на црквата. За останатиот дел, црквата не поседува градежно техничка документација и не може да стекне сопственичко право и тука нема ништо спорно – вели Малинов.

Тој додава дека неговата претходна компанија ГЕО-МОНД ја загубила лиценцата поради тоа што двајца вработени направиле грешка при мерењето на друг предмет, по што ја отворил новата компанија ГЕО-МОНД ИНЖЕНЕРИНГ.


Од МПЦ-ОА добивме само неофицијален коментар
НА ЦРКВАТА И БЕШЕ ВРАТЕНО ТОА ШТО И БИЛО ОДЗЕМЕНО

Фокус“ стапи во контакт со висок претставник од кабинетот од поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан, кој воедно е прв човек на Скопската епархија, која се јавува како подносител на барањето за денационализација на имотот на Матка. Во неофицијален разговор, нашиот соговорник истакна дека Црквата не присвоила туѓ имот на Матка, туку ѝ било вратено она што ѝ припаѓа, а во минатото ѝ било одземено.

Едно е да имаш владение на одреден имот или објект, а друго е сопственост. Ние сме легален сопственик на овој црковен имот врз основа на документација. Проблемот е што некој правел фалсификат на дел од овој имот – вели нашиот соговорник, алудирајќи на легализацијата на катот и поткровјето на планинарскиот дом од страна на планинарската федерација.

Со него се договоривме да испратиме прашања по електронски пат, кои ќе ги проследи до правната служба на Скопската епархија, но до затворањето на овој број од весникот не добивме никакви одговори на прашањата, вклучително и на она дали и кога имало конак кај денешниот планинарски дом?

Катастар на недвижности
КОМИСИЈАТА УТВРДИЛА ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА ЦРКВА И МАНАСТИРСКИ КОМПЛЕКС

Од Катастарот на недвижности објаснуваат дека сопственоста на МПЦ-ОА врз спорниот објект е запишана согласно податоците од постојната катастарска евиденција и геодетски елаборат изработен во 2009 година.

Катастарската грешка може единствено да биде лоцирана во топографските ознаки на КП 1070/2 и КП 1070/3, на катастарскиот план од 1961 година. Но, сопственоста е потврдена и со Решението за денационализација од 2011 година, во кое е опишано дека предметните објекти претставувале црква и манастирски комплекс, сопственост на Македонската православна црква“, велат од Катастарот.

Од таму нагласуваат дека податоците се преземени од старата база, каде што во имотниот лист немало техничка можност да се запише правниот основ по кој е извршено запишувањето.

Поврзани новости