Претседателот Ѓорге Иванов се уште не го добил нацрт документот од преговорите меѓу Македонија и Грција, со кој се предвидува името „Република Илинденска Македонија“ како предлог решение. На прашањето на „Фокус“ до кабинетот на претседателот, дали Иванов го добил документот и дали на третиот ден по средбата изградил став по однос на предлогот, од таму добивме само краток одговор „не“.
По лидерската средба во саботата Иванов изјави дека очекува тоа што му било пренесено усно да го добие и на писмено за да може да изгради став.
-На овој состанок не изградивме став, туку само ги добивме информациите – рече Иванов
Во врска со вчерашната препорака на министерот, Роберт Поповски, и претседателот да се вброи во функционерите кои јавно ќе ги објавуваат своите службени трошоци со примена на алатката за транспарентност, од кабинетот на претседателот за „Фокус“ одговорија:
„Претседателот Иванов до сега ги почитувал и во целост ги исполнувал пропишаните законски регулативи. Кабинетот на Претседателот и понатаму, како и досега, ќе продолжи со транспарентно и отчетно раководење со доверениот буџет“, велат од таму.