Претседателот Ѓорѓе Иванов попладнево свика прес конференција која ја искористи за да ја оправда својата одлука за помилувањето, а потоа и неговото повлекување, но и за да ги критикува и да ги обвини сите неистомисленици и политички противници како предизвикувачи на кризата. Го обвини и Специјалното јавно обвинителство за селективна правда.
-Во услови на длабока политичка криза, кога имавме распуштено собрание и техничка влада, СЈО вршрше селективен прогон кон само една политичка структура. Тоа предизвика тензии. Бевме на чекор од отворен граѓански судир кој го најавија обвинетите од Пуч, рече Иванов.
Тој додаде дека неговите одлуки како помилувањето ја спасиле Македонија од нарушување на безбедноста и од граѓански немири. Рече и дека од разузнавачки извори бил информиран дека протестите биле планирани и без неговата одлука за аболиција.
-Мојата одлука предизвика нервоза кај одредени центри на моќ. Некои погрешно ги толкуваа моите намери. Многумина прашаа што сум мислел кога сум донел одлука за помилување. Зарем требаше да чекам да падне крв на улиците за да ја активирам армијата. Да чекам да се крене рака Македонец на Македонец? Подобро е да се горат моите фотографии отколку институциите на државата, изјави Иванов.
Иванов ги обвини СДСМ и ДУИ дека не ја почитувале правната држава и нејзините институции и додаде дека тој не бил одговорен пред нив, туку пред граѓаните кои го избрале и пред државата.