Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.
На средбата присуствуваа амбасадорот на Унгарија, Ласло Иштван Дукс, амбасадорот на Словачката Република, Хенрик Маркуш, амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски и амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Томан.
Претседателот Иванов и амбасадорите разговараа за натамошното продлабочување на билатералните односи и соработката, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат Европската Унија и континентот Европа.
Соговорниците констатираа дека земјите имаат воспоставено одлични билатерални односи и континуиран политички дијалог кои се базираат на искрено пријателство, меѓусебна почит и взаемно разбирање.
Претседателот Иванов го истакна големото значење на досегашната принципиелна и отворена поддршка од Вишеградската група во однос на евроатлантските интеграции на Република Македонија, која е од исклучителна важност за исполнувањето на нашите стратешки цели и приоритети.
Во тој контекст, македонскиот претседател ја нагласи неопходноста од фер третман за Република Македонија во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.