Претседателот, Ѓорге Иванов, одбива да го заврши својот мандат под новото име на државата. И покрај тоа што меѓународната заедница веќе почна да го употребува името Република Северна Македонија, а започнаа и процедурите за официјално преименување на институциите, Иванов пружа отпор и не ги спровеведува задолженијата кои ги има државата согласно Договорот од Преспа.
Според Договорот секоја институција и секој правен субјект финансиран од државата ќе мора да ја промени таблата и својот назив. Сите министерства и институции ја испочитуваа оваа обврска и ги променија своите веб страни, но не и претседателот.
Веб сајтот на претседателот и понатаму го носи името Претседател на Република Македонија. Непроменето е името на неговиот фејсбук профил, а не е сменета ниту таблата пред претседателската палата на Водно.
На прашање до Владата дали ќе има санкции за непочитување на обврските, од таму велат:
„Секоја институција и секои граѓанин треба да го почитува Уставот на Република Северна Македонија. Потребно е сите институции да ги направат потребните измени во соодветните рокови, согласно Уставот и законите“, посочија од Влада.