Иванов: Објавувањето на законите претставува основа за кривично гонење

by fokus

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни, вели во писмената изјава до медиумите претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

– Доцна синоќа имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и ДУИ која себеси се смета за проевропска, вели Иванов.

Со доставувањето на овие два закона во Службен весник, како што посочува Иванов, е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење.

Според него ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото.

-Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави, подвлекува во писмената изјава претседателот Иванов.

Поврзани новости