Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска и утре ќе престојува во посета на Италијанската Република и Светиот Престол, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, денеска ќе ја посети базиликата „Свети Климент“, каде ќе биде положен венец на гробот на Св. Кирил. Македонскиот претседателот ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, а во текот на денот ќе ја посети и базиликата „Сан Паоло“, каде ќе положи цвеќе на гробот на Св. Павле. Во вечерните часови претседателот Иванов ќе присуствува на концерт на етногрупата „Баклава“.
Утре претседателот Иванов ќе има аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин.