Иванов ја искара опозицијата и европјаните, но студентскиот протест не го спомена

by Фокус

Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов го почна своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието, каде што не беа присутни народните избраници од СДСМ и ДУИ. Тој својот говор го држеше само пред пратениците од владејачката партија.

Шефот на државата своето обраќање го почна, како што рече со искрено жалење затоа што опзоициските пратеници го бојкотираат Парламентот. Според него, празните столчиња на опозиционерите ги оставиле непреставени граѓаните, кои ги избрале.

– Сакам да напоменам дека како претседател, пред седум месеци ги поканив политичките лидери, вклучувајќи ги и лидерот на опозицијата Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети, да разговараме за интересите на државата. Тие се уште не се одѕваа на поканата, која е се уште отворена. Да се одбие разговор за интересите на државата за мене е израз на крајно неодговорно политичко однесување. Затоа, на оние кои денес не се тука, сакам да им порачам дека политичкиот дијалог не е израз на слабост, туку израз на политичка зрелост – истакна Иванов.

Тој не прекина да бара од народните избраници од СДСМ да имаат поголема политичка одговорност и позрела демократска култура.

– Клучниот збор за 2015 година мора да биде дијалог. Ако го вратиме дијалогот, ќе најдеме решение. А решението ни е неопходно, бидејќи оваа состојба се одразува на нашето општество, но и на нашиот европски и евроатлантски пат – рече претседателот Иванов во годишното обраќање во Собранието.

Според него, Европскиот совет од 2005 година не нашол начин да се даде датум за отпочнување на преговори.

– Официјална Атина може да ни го спречи патот до Европа, но наша цел е да ја донесеме Европа во Македонија – вели Иванов.

Тој тврди дека ја следи дебатата околу новите законски измени во образованието, но заборави на студентските протести.

 

Поврзани новости