Јас ве слушав кога вие зборувавте, слушајте ме сега вие мене, им се обрати претседателот, Ѓорге Иванов, на пратениците од СДСМ кои од своите места бурно реагираа на неговото годишно обраќање во парламентот.
-Ве молам да ме сослушате, ве слушам цела година, ве молам слушајте претседател на држава ви се обраќа – им рече на пратениците чии негодувања се засилуваа во текот на обраќањето.
Првата реакција на пратениците следеше откако Иванов го спомена Законот за јазици велејќи дека нема член од Законот кој не е спротивен на Уставот.
-Но некој нема храброст да се соочи со вистина. Нема храброст ни да се потпише на кривичната пријава против мене. Зарем сакате со анонимни кривични пријави да го принудите претседателот да ги прекрши законите – рече Иванов, по што следеше реакцијата на пратениците од СДСМ.
-Најискрено ви благодарам што пред целата македонска јавност и пред дипломатскиот кор си ја покажавте вашата политичка култура! Дозволете ми да го завршам обраќањето! Ај смирете се, вашите лични фрустрации потиснете си ги! – свика Иванов.