Иако поканети на денешната седница во Собранието каде се обрати високата претставничка за надворешни работи и безбедност, Фредерика Могерини, не присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, како и поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Бројни медиумски екипи од Македонија, но и од околните земји го следеа обраќањето на Могерини.Обраќањето на Могерини го проследија народни избраници од сите пратенички групи, премиерот Зоран Заев, претставници на верските заедници и првите луѓе на правосудството. Во галеријата на пленарната сала беа сместени бројни претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и американскиот амбасадор Џес Бејли.
Високата претставничка беше придружувана од евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој обраќањето го проследи од пленарната сала.
Оваа седница ја водеше потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, поради посетата на претседателот Талат Џафери на Турција. Во салата можеа да се видат претставници од сите пратенички групи. Меѓу нив и Мендух Тачи од ДПА, кој ретко доаѓа на седници во Собранието, но и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа од притвор заради насилствата во Собранието Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски…
Обраќањето на Могерини, кое е прво досега, од првиот ред каде седат поканетите гости го проследија и претставниците на МПЦ – ОА, на Католичката црква, на ИВЗ, Еврејската заедница…, потоа првите луѓе на Републичкиот судски совет, на Уставниот суд, на Врховниот суд, на Јавното обвинителство на Република Македонија, на МАНУ и други.