Анѓушев: Извештајот на ЕК прецизно ги отслика состојбите, треба да се сузбие сивата економија

by fokus

Извештајот на Европската комисија реално, прецизно и точно ги отсликува сите состојби во македонската економија, владиниот План за економски раст треба да помогне да се подобрат состојбите на кои се укажува, како сивата економија, а покрај на нејзино сузбивање мора да бидеме посветени и на иновативните процеси, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Според него, добро е што ЕК констатирала дека владиниот Планот за економски раст има потенцијал, но, како што нагласува, тој потенцијал треба да го претвориме во акција и резултат.

– Потенцијалот не е доволен, на крај се мерат резулатите. Јас сум сигурен дека таквиот План за економски раст на крај ќе даде резултати, рече Анѓушев, кој е член на жири комисија на натпреварот на старт ап фирми на Саемот на ИТ компании во рамки на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Скопје.

Анѓушев се согласува со укажувањето во Извештајот дека треба да се сузбие сивата економија која, како што вели, е присутна во сите сегменти на живеењето на РМ, како на пример земјоделските производи, продажбата на текстилот.

– Тргнете на пример од земјоделските производи како се откупуваат, па како се продаваат на кванташките пазари, па како се дистрибуираат на пазарите. Сето тоа е надвор од финансискиот систем на РМ и мора да се бориме со тоа. Затоа, и ќе формираме одредени активности во таа насока, со активирање на агроберзата. Идејата за агроберза е стара, но на крај таа се претворила во чување два силоса во Прилеп и ништо од таа реализација, наведе Анѓушев.

Во пресрет на денешната комисиска расправа во Собранието за законот за финансиска поддршка на инвестиците, апелираше да биде поддржан и од опозицијата. Законот, како што рече, по широката дискусија во јавноста и добиената поддршка од сите субјекти од економијата, стопанските комори, домашни меѓународни финансиски институции, е најфилтираниот од законите што се правени досега.

– Сите институции вклучително и стопанските комори, ја повикаа и опозицијата да го подржи законот. Ја повикувам опозицијата ако има да даде конструктивна критика и да го поддржи законот, се останато е само политичко инаетење, кое не дава добро на македонската економија и граѓани. Со инает не може да се оди во ЕУ, рече Анѓушев.

Поврзани новости