Денеска во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов ќе се одржи седница на Советот за безбедност на Република Македонија. Претседател на советот е самиот Ѓорге Иванов, а членови се премиерот Никола Груевски, собранискиот спикер Трајко Вељаноски, министерот за одбрана Зоран Јолевски, првата полицајка Гордана Јанкулоска, шефот на дипломатија Никола Попоски, Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини.
Токму работата на ова тело беше тема на една од ТВ-дебатите за време на претседателските избори кога кандидатот на опозицијата Стево Пендаровски тврдеше дека освен на конституивната седница овој совет воопшто не состанувал. Дополнително, Пендаровски го прашуваше Иванов и кој му е советник за национална безбедност кој по функција треба да е и секретар на Советот за безбедност, додека претседателот на тоа не одговори.