Претседателот Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.
„Рамазан-бајрам е еден од двата најзначајни исламски празника. Тој го означува крајот на едномесечниот пост и го слави духовното и телесното прочистување. Следните три дена, светиот месец ќе се слави во кругот на семејството и блиските.
Овој месец е познат и како месец на добрина, милост, солидарност и простување;мисли и заложби на сите нас подеднакво, бидејќи воздржаноста од лошите мисли и духовното воздигнување се универзални човечки вредности.
Во духот на Празникот, Ви упатувам честитки со желби за лична среќа и духовен мир, а на сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам благосостојба, љубов и бериќет“, се вели во честитката од Иванов.