Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, го повикувам лидерството на ВМРО – ДПМНЕ и на СДСМ да смогнат сила за да си простат, да се помират и конечно да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија, рече претседателот Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање од Вила Водно.
Тој повика да престанат и нападите кон дипломатските претставници.
„Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите. Одредени политички лидери да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели. Истовремено, го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат да не бидат погрешно разбрани и да се придржуваат до виенските конвенции“, додаде претседателот и повика лидерите да потпишат декларација за посветеноста на евроатланските интеграции.
„Се надевам дека лидерите конечно ја научија лекцијата – дека не треба да се бараат решенија надвор од институциите на државата. Затоа, повикувам, по којзнае кој пат да им ја вратиме моќта на институциите. Ги повикувам што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на европската и евроатлантската агенда, се додека довербата на граѓаните во Европската Унија и НАТО е толку висока. Ги повикувам да се обврзат дека сите закони и решенија од европската агенда ќе имаат приоритет“, рече Иванов и и порача на Европската унија да престане да ја блокира иднината на Македонија.
„Со блокирањето на преговорите се блокира можноста за градење одговорни, европски институции во Република Македонија. Со блокадите, нам ни се ускратува правото на просперитет. Повторувам, со блокадите ни се ускратува правото на просперитет. Затоа, време е за поголема одговорност на Унијата кон Македонија“, порача Иванов во обраќањето.
Со повик за простување, помирување и сплотување околу државните интереси, претседателот Иванов го заврши своето годишно обраќање.
„Повикувам, конечно, одлуките за Македонија да ги носиме во институциите што сами ги создадовме, преку претставниците што сами ги избравме.Повикувам на одговорно однесување. А одговорноста се гради преку јавност и транспарентност. Граѓаните треба да бидат врвниот контролор на одговорноста на лидерите, политичарите, институциите. Бидејќи сите постојат заради граѓаните, додаде македонскиот претседател.
Како Претседател на Република Македонија и како Врховен командант на вооружените сили, рече Иванов, „се повикувам на мојата одговорност дека ќе го правам она за што положив свечена заклетва.“
„Ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици, закани и ризици. Ќе го бранам Уставот и уставниот поредок на Република Македонија. И не помислувам да отстапам од тоа“, рече претседателот Иванов во своето годишно обраќање.