Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска во Собранието го одржа своето годишно обраќање во кое зборуваше за политичката криза, националните приоритети, како и за хаосот во медиумите.
-Идната година, прославуваме четврт век од независноста и сувереноста, а дозволуваме некој друг да ни го моделира политичкиот и правниот систем. Крајно време е да го надминеме овој погубен синдром на сервилност. Да престанеме да се однесуваме како гости во сопствениот дом. Државиот интерес мора да биде приоритет на секој еден од нас. И на партиите, и на институциите, и на цивилното општество, и на медиумите, рече Иванов.
Според Иванов, иако и во следната година, стратегиски и национални приоритети се членството во ЕУ и во НАТО, главен приоритет за 2016-та е Македонија да биде „функционална држава што го одржува јавниот ред и мир, што се грижи за безбедноста и за одбраната, и создава услови за владеење на правото.
Претседателот потсети дека и тој самиот бил новинар, а според него, сега во новинарството пристојност и професионалност станале исклучок, наместо правило.
-Не смеете да трпите какви било влијанија, како од политичарите, така и од другите моќници. Мора самите да се изборите за најдобрите решенија кои ќе овозможат медиумите да си го вратат достоинството и угледот. Медиумите мора се изборат за нивната вистинска улога во општеството. И јас сум бил новинар. Знам дека еден човек може себе си да се нарече новинар само доколку новинарскиот занает го разбере како одбрана на вистината. Како одбрана на јавниот и државниот интерес од самоволието и од посебните интереси на кој било, моќник, политичка партија, бизнис, религија, рече Иванов.
На годишното обраќање на претседателот Иванов не присуствуваа ДУИ и СДСМ, кои сметаат дека тој нема легитимитет. Во Собранието денеска говорот на Иванов го слушаа премиерот, министри, началникот на ГШ на АРМ, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници.