Во тек се консултации со правни експерти за изнаоѓање можно правно решение во врска со одлуката за помилување-ослободување од гонење без спроведување постапка, соопшти денеска претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
-Како што најавив во моето последно обраќање, а во врска со пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката за помилување–ослободување од гонење без спроведување на постапка, во тек се консултации со правни експерти со цел изнаоѓање можно правно решение, се вели во писмената изјава.
Но, од досегашните консултации со врвните правни експерти во државата не било најдено решение, па Иванов ги повика и политички партии доколку имаат идеја како тоа правно да се направи, да дадат предлог.
-Консултациите продолжуваат во насока на изнаоѓање решение. Ги повикувам и лидерите на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино и тие да се вклучат во овој процес и да понудат правно решение што ќе биде во согласност со Уставот и законите на Македонија, вели претседателот Иванов.