Корените на македонската револуционерна борба започнуваат со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23 октомври 1893 година, кога шестемина македонски дејци ги обедини една визија за исполнување на вековниот сон – слободна Македонија, вели претседателот Ѓорге Иванов во честитката по повод Денот на македонската револуционерна борба.
„Патот до слободата беше исполнет со предизвици, но нивната сплотеност и решителност за остварување на своите идеали им даде сила да истраат пред тешкотиите. Пламенот што го разгореа револуционерите го презедоа илинденците, борците во Народноослободителната и антифашистичка борба и АСНОМ-ците кои го остварија стремежот за слободна македонска држава. Без 23 октомври 1893-та, не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени од 1903-та, 1944-та и 1991-та“ пишува во честитката на Иванов.