Младата поетеса Ивана Јовановска пред десетина дена ја издаде својата прва збирка „На ракавот на градот“ во издание на ПНВ Публикации.
Таа во интервју за „Фокус“ говореше за љубовта кон пишувањето, градот, фотографирањето и се што и се случува во нејзиниот живот.
„Стихозбирката е и одраз на потребата да ја отсликам својата поврзаност со просторот во кој живеам, со градот, како концепт и тема, генерациските дилеми поврзани со потребата да се замине или да се остане онаму каде што ни се наоѓа домот. Тоа се основните идеи што ме поттикнаа да ја напишам збирката. Можам да кажам дека уживам во процесот на менување и талкање низ книжевните стилови“, го започна разговорот Ивановска.
Оваа поетеса учествувала на многу поетски читања низ Скопје, што во секој случај се многу важни настани за еден млад поет.
„Тие се неопходни за раздвижување на поетската сцена во градот и дека се своевиден ветер во грбот за поетите, особено во вакви времиња кога културните настани се ретки, а поезијата, гледано пошироко, стои маргинализирана на границите на културниот живот. Лично, ветер в грб ми беа читањата на „Астални проекции“ ‒ култните вторнички вечери кога Скопје дишеше со поинаков ритам, а „Менада“ беше збирното место за уживателите во уметноста. Тие збиднувања поттикнаа многу млади луѓе похрабро да се запознаат и со литературата, и со креативното пишување, а јас бев само една од нив. Уживав да бидам таму и да се запознавам со многу различни поетики, главно, на младите поети од Скопје. Тоа беше настан што нѐ поврзуваше и ни даваше чувство дека сме дел од нешто поголемо“, вели таа.
Оваа збирка, вели Јовановска, најмногу произлегла од потребата да се зборува за изборот да се замине или да се остане во родниот град, со кој младиот човек има посебен однос, но и подлабоко истражување на човечкото, емоциите и димензиите на свеста, поврзани со она што ни е важно како на луѓе. Оттаму, додава таа, се фокусирала на чувствата што произлегуваат од нерешителноста да се замине или да се остане онаму каде што ни е недостигот, стравот, песимизмот, светската болка.
„Поезијата нуди исто толку теми и различни стилови како и прозата, па можеби сѐ што треба е читателите да бидат поотворени и без предрасуди да се охрабрат и да прочитаат неколку книги поезија, за да се уверат во стилските разлики и во разнообразието што поезијата како книжевен вид го нуди, наспроти предрасудите дека таа е здодевна, еднолична и исклучиво љубовна, како што можеби мнозинството читатели што велат дека не читаат поезија мислат. Што се однесува на нејзината иднина, сметам дека не е сосема загрозена, туку дека како и сѐ останато, се менува и е одраз на времето во коешто се создава“, смета Јовановска.
Според неа, во Скопје недостасуваат културни случувања што ќе им дадат простор на сите луѓе од културата, од различни области, да допрат до својата целна група. Таа е голем љубител и на фотографирањето, кое е тесно поврзано со она што таа го твори со својот живот.
„Љубовта кон фотографијата ја негувам од дете, иако, последниве години поинтензивно ѝ се посветувам, размислувајќи за поврзување на двата медиума и она што како инспирација го црпам од нив. Токму за врската меѓу фотографијата и поезијата и за можностите што таа ги нуди, активно се инспирирам и учам од мојот омилен ментор фотограф Драги Неделчевски“, раскажува нашата соговорничка.
Во себе таа носи многу креативни идеи, кои се надева дека ќе успее да ги реализира. Додава дека тие ја мотивираат да продолжи да се гради како автор, ја одржуваат во живот и и даваат некаков внатрешен мир.
Постојат голем дел поети и писатели кои влијаеле интимно врз нејзиното творештво – Блаже Конески, Лидија Димковска, Влада Урошевиќ, Никола Маџиров и Вислава Шимборска.
За крај, порача дека, доколку би имала можност, би им ги подобрила условите на културните работници во земјава преку правни акти што би ги заштитиле нивните права и би им овозможила достоинствено да живеат од својата уметност и нивниот уметнички труд да биде вреднуван и признаен.
Јорданчо Цветаноски